вторник, 19. јануари 2021. Вести денес: 110
home Вести

Колумна на Весна Атанасовска: СЕКОЈА ЖЕНА Е ВАЖНА!

Колумна на Весна Атанасовска: СЕКОЈА ЖЕНА Е ВАЖНА!

 

„Доколку вие или вашето дете сте жртви на семејно насилство, полицискиот час не ве ограничува да го напуштите домот, да го пријавите насилството или да побарате лекарска помош.“

 

Додека светот се соочува со пандемија од светски размери предизвикана од корона вирусот, почитувајќи ги мерките сите ние остануваме дома во кругот на семејството, со своите најблиски. За повеќето тоа е најубаво поминато време, но за жал има и такви за кои седењето дома се претвора во вистински кошмар. Време е да проговориме гласно. Време е да им кажеме дека дури и во вакви вонредни состојби не се сами, затоа е потребно гласно да говориме за насилството врз жените и да се бориме против него. Затоа што секоја жена е важна!

Според статистиките, една од три жени се жртви на некаква форма на родово базирано насилство на глобално ниво. Подеднакво загрижувачки се и податоците што се однесуваат на нашата земја. Ниту една жена не е изземена, независно од нејзиниот општествен, професионален, социјален или било каков друг статус, иако ранливоста кај некои жени е поголема. Жртва е можеби вашата најдобра пријателка, колешка, претпоставена, сосетка… Најголемиот дел од жените кои трпат насилство молчат од страв и срам, друг дел не се ни свесни дека се жртви на насилство, поради тоа што во Македонија како да е општо прифатено и нормално однесувањето кое во светот се квалификува како насилство.

Покрај физичкото постои и психичко насилство,а тоа е секое дејствие кое предизвикува чувство на страв, загрозеност, вознемиреност или повреда на достоинството и интегритетот на жртвата. Психичко насилство се заканувањето, навредувањето, прекумерна контрола, исмевањето, изнудувањето, принудувањето, прекумерна љубомора, замолчувањето итн. Последиците од психичкото насилство можат да бидат подолготрајни од оние на физичкото.

Насилството врз жена во кој било облик е тотално неприфатливо .Честопати погрешната претстава за што всушност е насилство, стравот како главен фактор и манипулацијата врз една жена се сосема доволни фактори дека сте дел од еден ментален и емотивен кафез, но притоа да не сте свесни.

Интернетот изобилува со најразлични информации за оваа тема, што за жал повеќето жени не ја разбираат сериозно и фактот дека остава трајни последици врз самата личност и нејзиниот карактер, најчесто се занемарува поради големата неинформираност дека за ваков тип на насилство се одговара кривично.

Зборот е најмоќното оружје, што не се заборава а чувството на вина и беспомошност, стравот во секоја мисла и помисла, се носители на едно големо бреме, внатрешна борба и одново градење на себе.

Најчесто, одреденото однесување на просечен маж во Македонија кога ќе направи вакво нешто, се препишува на тоа дека тоа е нормално на Балканот, вие сте си го барале, љубоморен е ќе му помине, ајде не мислел така, маж треба да биде маж па и да тресне со тупаница по маса, или да посегне по вас со навреди или во краен случај физички напад.

Не, неговото однесување воопшто не е прифатливо ниту ќе се промени, како што лузната од неговите зборови ќе ја памтите вечно, а ќе ве избруси во една нова личност, некогаш во светло до непрепознатливост, другпат во личност што никогаш не сте сакале да ја запознаете.

Запомнете дека никој нема апсолутно право да ве навредува поради неговите лични погрешни сфаќања, не ги оправдувајте постапките и навредите со евтината манипулација дека проблемот е до Вас, дека Вие провоцирате и дека намерно така ви зборува за да ве освести или во краен случај дека ќе останете сами и несреќни ако не ги задоволувате неговите желби, и дека тој ви е единствената надеж во животот.

Денот и Сонцето се доволно светли за да ве расони и од најдлабокиот емотивен сон, воспитувањето и љубовта од семејството се главни показатели на доза љубов и основи темели на почит. Не чекорете по патот каде се посадени трња од зборови, токсичен воздух и зашеметеност од небулози наметнати да ги верувате.

Процесот на емотивното лекување е долготраен. Емотивниот манипулатор не бира возраст ниту какво искуство имате. Доволно е да ја осети вашата послаба страна, и да започне емотивната тортура од зборови, ќорсокак без патокази. Заштитете се себеси.

Затоа не молчете и не го трпете насилството, независно во која форма е!

Секоја жена е важна!

Пријави насилство!

 

Весна Атанасовска

Коронавирус