понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 128
home Вести

Колумна на Стефановски: „ Четирите свети букви и идеологијата на непокорот! “

Колумна на Стефановски: „ Четирите свети букви и идеологијата на непокорот! “

Македонија и македонскиот народ имаат неколку значајни и особено важни датуми во поновата историја. Почнувајќи од 1893 на денешен ден, па продолжувајќи преку илинденското востание на 2 август 1903 година, 11 октомври 1941, 2 август 1944 година, 5 мај и 7 јуни 1945 година и како најмлад датум 8 септември 1991 година. Ги читаме овие датуми а всушност гледаме една неповторлива и тешка приказна, и слушаме чудни звуци во главата. Слушам крикови, гледам лица, слушам пушки и гледам места. Можам сѐ да видам и чујам, но не можам да ја почувствувам болката и страдањето, не можам да ја почувствувам саможртвата…

Голем дел од нас, и нашето постоење започна на овој ден пред 127 години. Среде поплава од една искра се крена огромен пламен, пламен во кој изгореа многу луѓе. Тој пламен се рашири и потикна голема борба, ја поттикна македонската револуционерна борба, го поттикна основањето на македонската револуционерна организација во Солун. Во имотот на Иван Хаџи Николов во Солун се собраа шест луѓе, за да го стават темелот на она кое ќе значи, борба, храброст, и пркос! На она кое јасно и гласно кажува дека нема друга опција освен да се биде свој на своето. Она кое стана симбол за вечната борба на Македонците за основните човекови права. Христо Татарчев, Петар Поп Aрсов, Даме Груев, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие се шестте имиња на кои треба секојдневно да им се поклонуваме и да работиме за остварување или зачувување на нивниот идеал. Без никаква помош, како и секогаш, Македонецот морал сам да се бори до смрт, малку заради своите предавници но повеќе заради големината на неговото име и историјата на неговото презиме! Според мене симболот на формирањето на револуционерната организација е во тоа што шест млади луѓе застанале на една маса со една идеја, неземајќи го во предвид животот кој можат да го имаат, напротив, мислејќи на милиони животи кои ќе се одвиваат во неизвесност, мислејќи на илјадници фамилии кои доколку нешто не се превземе денес ќе ги има а утре не. 23 октомври е ден на „ возрасноста ” на младите и нивната храброст, 23 октомври е ден на визијата и саможртвата, 23 октомври е ден на ВМРО, ден на Македонија!

Организацијата морала да ги постави своите темели не само преку самото формирање, туку и преку долгогодишно дејствување и стратешка прецизност, преку користењето на единствениот удар кој го имале. Тој удар се направил на 2 август 1903 година. 10 години по формирањето на револуционерната организација. Финалниот удар практично бил со самото формирање на МРО, кое го отпочнало македонско револуционерно движење, кое пак е самиот предводник на Илинден и Крушевската Република. Илинден е симбол на сета таа битка, Илинден е плодот на добрата и вештата организација на револуционерите која како што реков, траела 10 години.

Борбата секако не завршила тука, дејствувањето на револуционерите се до нивната конечна цел траела со децении, но идеалот бил посилен од нив, идеалот бил двигателот и лекот за истрајноста во тоа време. Тешкотијата, црнилата и секојдневието на Македонецот биле причинител за уште еден поголем удар, кој се случил на 11 октомври 1941 година. Тогаш, сите храбри срца пробале да го дадат одговорот на прашањето „ Да се биде или не? “. На 11 октомври македонскиот народ и пукањето на првите пушки во Прилеп и Куманово ја почнале борбата против еден од најлошите и најцрните непријатели на човековата историја, фашизмот. Македонскиот народ има непроценлива значајност во таа светска битка, во битката на Втората Светска Војна. По фашистичката окупацијата на Југославија, Македонија повторно била поделена, помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор, што и всушност според мене е најголемата мотивација за да се изборат за својата земја, својата чест и својот народ. Од секогаш како народ сме морале да се бориме за основните права и потреби преку најтешкиот пат. Почетокот на самото востание односно војувањето се смета дека почнало во Прилеп. Јасно како ден е дека војувањето и пролеаната крв биле резултат на бугарската окупација, која деновиве е строго одрекувана и Бугарија односно Бугарската власт, сакаат да го избришат тој дел од колективната меморија на македонскиот народ, па и колективната меморија на целиот свет ако сакате. Но тоа е невозможно, и нечесно бидејќи со самите такви тврдења прават будали од милиони луѓе, а уште повеќе грев со загинатите борци. Чесно би било Бугарија да се извини бидејќи секогаш ѝ била непријател на македонскиот народ на овој или на оној начин и да ги покаже своите европски вредности со кои всушност и најмногу се фали. Бугарија можеби не знае за оној момент кога Вили Брант одлучи да се упати кон Полска за да потпише договор за меѓусебно откажување од употреба на сила и признавање на поствоените граници. Дваесет и пет години по Втората светска војна, и по сите случувања помеѓу двете земји. Варшава е местото односно градот во кој националсоцијалистите ги затворале Евреите во гето, по што ги депортирале и убивале во концетрациони логори и што уште не. Варшава е целосно руинирана во тоа време. При положувањето венец на „Споменикот на хероите на гетото“ тој клекна на коленици. Според мене таа е една од најпознатите но и фотографиите со најголемо значење во историјата на човештвото. Не го коментирам Брант, туку само сакам да го напоменам настанот од кој треба да учи Бугарија и другите сојузници на фашизмот од тоа време. Нејсе…

Три години потоа, се случува првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година во Св. Прохор Пчински. Заседанието го отвори најстариот делегат, учителот Панко Брашнаров од Велес, со присуство на делегати од сите краишта на Македонија и на претставници на големите сили учесници во антифашистичката војна – САД и Велика Британија.

Панко Брашнаров го отвори заседанието со следните зборови:

…”Другарки и другари народни претставители, Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден – ИЛИНДЕН -, кога објавувам да е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединена Македонија. Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве поканувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност (при помен на жертвите одава се минутно молчение). Вечна слава на падналите герои за слободата на Македонија! Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена – 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илиденската народна епопеја и Крушовската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жаждата му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска република. Но разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија – Крушовската република го потушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство. Животворениот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечанство и да го оствари својот вековен национален идеал. И ете како резултат на тригодишни крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна со крф и борба да се дојде до нова, братска, демократска и федеративна Југославија. Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби. Да е жива нашата мила македонска федерална држава! Да е жива федеративна, демократска Југославија, заеднички покров на братските јужнословенски народи!…” На тоа заседание се донесени неколку важни решенија:

Решението за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија

Декларација на АСНОМ за основните права на граѓаните на демократска Македонија

Решение на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава

Решение на АСНОМ за прогласување на Илинден – 2 август за народен и државен празник на македонската држава.

Самиот факт дека Методија Андонов Ченто заради своето дејствување преку АСНОМ гниеше во удбашките затвори скоро една деценија е нешто кое е најдобар пример за тоа како завршувале луѓето кои не барале ништо туѓо, ами само да го добијат она што го заслужуваат и она кое им припаѓа. 1 година по тоа заседание доаѓа историскиот ден за посебноста и карактерот на македонскиот јазик, доаѓа кодификацијата на Македонскиот јазик која е резултат на: Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава,

со Решението на Президиумот на АСНОМ од мај 5 мај 1945 година за македонската азбука,

со официјалното усвојување на македонскиот правопис – 7 јуни 1945.

Важноста и посебноста на АСНОМ се дел од неизбришливата историја на која и ден денес пробуваат да ѝ се заканат обични будали на дваесет и првиот век. Оспорувањето на само определбата или светски признатиот идентитет на некоја нација во 21 век е нешто навистина несфатливо за мене.

Кога сме кај 8 септември 1991 година, јас мислам дека тоа е само шлагот или крунисувањето на таа борба која траела скоро еден век. Мислам дека од 8 септември па навака имаме проблеми со комплексност која е неспоредлива со онаа на револуционерите, илинденците, асномците итн… Главната задача беше да ги зачуваме нивните дела, и да го оствариме нивниот идеал. За жал модерното време не препознава идеали, модерните политичари, а најмногу квази левичарите продаваат нации како да ке нема утре, тогашните неправди биле со употреба на сила и со војување, сегашните неправди се со ментално и идентитетско малтретирање на народот. Но мислам дека на крајот секогаш победува оној кој е во право, на овој или на оној начин…

П.С Сакав да направам една кратка ретроспектива на сите случувања кои денес се теми или предмети на преговори. Не спомнав ниеден од политичарите кои денес нѐ малтретираат и ни се закануваат на „ модерен ” начин бидејќи мислам дека е нечесно до такви имиња, датуми и патриоти да ставам некое име на безрбетник. Честит 23 октомври браќа и сестри Македонци! Никогаш не е касно за исправање на работите, идеалот е сеуште тука!

Да живее ВМРО! 👌

Да живее Македонија! 🇲🇰

Колумна на Леон Стефановски

Коронавирус