понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 78
home Вести

Колумна на Марија Апостолова-Николовска: Дигитално ,,вреднување”

Колумна на Марија Апостолова-Николовска: Дигитално ,,вреднување”

Треба ли и сега?!

Неопходно ли е и во овие моменти кога ни се случува една ,,заедничка реалност”?

И кога сите мораме да се прилагодиме на големата промена во начинот на кој живееме.

Продолженото затворање на училиштата секаде во светот и кај нас носи нови предизвици на сите. Но, и притисоци, стрес, вознемиреност, различни искуства и ситуации и на наставниците, родителите, учениците, децата.

Ефектите и последиците од оваа реалност можат да се прошират и до крајот на учебната година и ќе се почувствуваат во срцето на системите за образование, но и во срцата на учениците. Затоа и прашањата во врска со дигиталното вреднување, со оценувањето и проценката на напредокот, како и организирање на завршни испити или национални тестови се есенцијален предизвик и во оваа вонредна состојба. Притоа, дигиталните оценки може ќе бидат доделени, заслужени, наградени, изградени…

Дали е потребна и оваа ,,реалност” и како ќе се одреди влезот во високото образование, доколку учениците во последната учебна година не се во можност да учат соодветно или да бидат проценети и оценети правилно?

Истовремено, дали сите родители можат ефективно и ефикасно да го поддржат учењето на нивните деца? Или пак и ова е, или ќе биде ,,брза” подготовка и за нас и за нашите деца, за да можат да се соочат со дигиталниот свет кој носи и низа опасности – почнувајќи од загрозување на приватноста, преку измама, па сѐ до злоупотреба и онлајн насилство. Оттука, и дигиталното вреднување сепак ќе остави простор и за многу различни правилни или неправилни чекори кои ќе имаат влијание врз понатамошните скалила на образовниот систем.

 

Марија Апостолова-Николовска, доктор по педагошки науки

Коронавирус