петок, 4. декември 2020. Вести денес: 22
home Вести

Колумна на Лидија Петкоска: МАКЕДОНСКИОТ ТУРИЗАМ НЕМА ДА ГО УБИЕ КОРОНАТА, ТУКУ ЛУЃЕТО КОИ СЕ НЕСПОСОБНИ, А СЕ НА КЛУЧНИ МЕСТА!

Колумна на Лидија Петкоска: МАКЕДОНСКИОТ ТУРИЗАМ НЕМА ДА ГО УБИЕ КОРОНАТА, ТУКУ ЛУЃЕТО КОИ СЕ НЕСПОСОБНИ, А СЕ НА КЛУЧНИ МЕСТА!

Изминативе неколку години македонскиот туризам беше продолжение на нешто што претходно се воспостави и функционираше, како и плод на случајност, наместо да биде плод на напорна работа и мудри политики.

Владеачките структури инсталирани во туризмот, од пулсот на туризмот го научија само она штој се однесува на крвотокот на парите, како тој никогаш нема да престане. Но, еве – престана!

Еден невидлив микроорганизам, преку ноќ, целиот туристички сектор го претвори во случај за интензивна нега!

За да закрепне, потребни се истражувања, разгледување на сите можни сценарија, осмислување на стратегија за денот после болеста! Но, кој да работи, кој да предвидува, истражува, превзема…!?

Со ваучерот ги спасивме уплатените патувања и тука застанавме, иако повеќе од јасно е дека на туризмот му е потребно многу-многу повеќе за повторно да се исправи на нозе.

Како да се спои угодниот одмор со социјалната дистанца, како да се спои кризата со патувањата, како ќе изгледа денот потоа? Не е нешто што е невозможно, но некој мора да се загрижи и да го најде вистинскиот одговор за секое – Како?

Ова е време кога се букираше летниот одмор, а сега тоа го нема. Го истражил ли некој јавното мислење на луѓето, за да имаме некаков патоказ за тоа дали и колку луѓето се плашат да патуваат? Кои места би ги посетиле туристите, ако епидемиолозите утре кажат дека е безбедно да се патува или може да се патува, но со одредени рестрикции? Можеме ли да сметаме на странски туристи ако утре се отворат границите или туризмот ќе си го спасуваме ние-самите, односно домашните туристи?

Она што во медицината значи – Тестирај, во туризмот значи – Истражувај!

Време е да се спаси она што може да се спаси Секој денар е добредојден и од домашен и од странски гостин, затоа што секој денар плус во туризмот значи поддршка за нечие работно место, поддршка за економијата!

Ете, да претпоставиме сценарио дека гостите ќе избегнуваат објекти во кои има повеќе луѓе, како што се всушност, хотелите! Страмежливите претпоставки се дека цените на сместувачките капацитети ќе опаднат, што пак, можеби ќе биде дополнителен поттик за одмор да си дозволат оние кои до вчера не можеле да си го дозволат. Ако рестриктивните мерки се олабават утре, домашните гости ќе можат да патуваат во Македонија, затоа што е многу посигурно. Оној што е здрав сега, може да биде болен за 24 часа и сосема поинаку е ако тој е дома, односно во границите на сопствената земја.

Треба ли да продолжиме да седиме со скрстени раце и да очекуваме нештата да започнат да се средуваат сами од себе? Никако! Ако ги имаме овие сценарија, најмалку што можеме да сториме е да ги подготвиме приватните изнајмувачи соодветно да ги дочекаат гостите кои ќе сакаат да прошетаат, а секако дека ќе ги има! Имаме објекти од апартмантски тип, имаме кампови и имаме сместувачки капацитети каде што е помала циркулацијата на гости и кои се надвор од урбаните центри. Зар треба да пропаднат овие капацитети или пак, да не се спасат овие работни места?

Ако владините мерки се збогатат и потраат до следната година и ако се креираат конкретни решенија, наместо ПР трикови, сигурно ќе успееме! Можеби не веднаш, но ќе успееме!

Неизвесноста е голема, но кризни планови мора да се прават, можни сценарија мора да се разгледуваат и мора континуирано да се истражуваат очекувањата на гостите и динамиката на пазарните движења.

Зошто на домашниот туризам да не гледаме како на светло на крајот на тунелот? Со сеопфатна анализа на проблемите, можеби ќе се испостави дека токму домашните ќе бидат спас за македонскиот туризам, барем во некаква мера до стабилизирање на состојбите. И тоа е нешто. Многу повеќе од ништо!

Училишните и апсолвентските екскурзии нека се реализираат во Македонија, вработените нека си ги поминат годишните одмори во планина и во нашите бањи – да си ја запознаеме целата земја! Сите ќе бидат воодушевени! Наесен ќе започне деловниот туризам, со кој ќе се помогнат хотелиерите и угостителите. Само така ќе опстојат и следната година ќе ја дочекаат целосно заздравени.

Значи, време е за промени и прилагодувања. Туристите пребаруваат, сонуваат, прегледуваат, сакаат да дојдат на својот годишен одмор, тие одсекогаш брзо им се враќале на патувањата, да се надеваме дека и овојпат ќе е така.

За жал, засега посебно насочени мерки за туризмот НЕМА! Власта целосно го игнорира проблемот на оваа стратешки важна гранка, што ќе резултира со проблеми во одржливоста на команиите кои работат во туристичкиот сектор.

Должност на власта е да стори сè за да излеземе од кризата, а тоа подразбира посветена работа и многу труд, за повтоно да дојдеме на ниво на она што го имавме вчера.

Ако сакаме што побрзо да го одмрзнеме туризмот, клучните актери мора да сфатат дека туризмот е многу повеќе од убава желба. Тие луѓе не смеат да продолжат ништо да не прават затоа што така ризикуваат да ни го уништат сето она што досега е сторено за туризмот, а сторено е многу!

Само со добро осмислени мерки, со сеопфатни анализи, правилно насочени активности, позитивна пропаганда и заедничка поддршка, плански и координирано, пополека ќе се враќаме во нормала!

Крајно време е помалку да се зборува, а повеќе да се работи!

Туризмот најубаво знае дека за да се стигне до убавиот поглед, мора да се искачи угорницата! Но, за да се искачи угорницата потребни се спремни луѓе, а се покажа дека такви во оваа власт – НЕМА!

 

Лидија Петкоска

Дипломиран менаџер за туризам и угостителство

Коронавирус