понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 23
home Вести

Колумна на Христина Серафимовска: Прецртај Македонец, напиши Бугарин…од дамнини до денес

Колумна на Христина Серафимовска: Прецртај Македонец, напиши Бугарин…од дамнини до денес

 

Ако Френсис Бејкон уште во 16 век знаел дека знаењето е моќ, зошто ние Македонците и во 21 век сѐуште не научивме дека токму од незнаењето потекнува нашата немоќ?! Истиот тврдеше дека никој не успева толку брзо како оној кој ги користи туѓите грешки, а ние дозволивме другите пред нас да ги увидат и да играат на картата на нашите слабости, за кои ние уште (веројатно) не сме свесни.

Во оскудност на информации и образовен мрак дозволивме на улица да ни шетаат персонифицирани тврдења кои треба деновиве да ни пресудат со чекан во рака дека не постоиме. Тврдења од типот дека сме вештачка конструкција, нова држава со уште понов јазик кој може да биде оспоруван и негиран. И тоа ќе остане така сѐ додека нашите аргументи ги чуваме далеку од очите на јавноста, надвор од дофат на младината, во прашливи депоа и заклучени архиви на кои заборавиле и во овие тешки моменти не се повикуваат на нив, дури и оние кои ги издале.

Се прашувам како зборуваа Македонците пред 1944 година?

Принудени ли сме да го браниме нашиот јазичен, културен, национален идентитет само врз основа на внатрешно чувство или имаме и нешто повеќе на страна на аргументите.

Навраќајќи се наназад, најчесто ќе стигнеме до македонските просветители од првата половина XIX век Крчовски, Пејчиновиќ…додека периодот под турско ропство најчесто се доживува како темнина, период за кој „многу малку се знае“ и многумина (од новопечените аналитичари) остануваат немоќни во тврдењето за континуитетот на македонското постоење. Токму тоа турско ропство во преден план ги исфрла дамаскините како легитимни сведоци на нечие постоење, на кои и ние, Македонците, со полно право можеме да се повикаме.За оние кои не знаат, дамаскините се зборници со религиозно-морални содржини пишувани на народен јазик. Се именуваат по авторот на првиот таков зборник напишан на грчки, Дамаскин Студит, кој станал инспирација на голем број автори да ја продолжат неговата традиција.

Со паѓањето на балканските народи под турско ропство верата и црквата останале единственото нешто што сведочело за посебноста, различноста на словенските/балкански православни народи. Христијаните биле браќа по Бога и не ретко така се ословувале меѓу себе. Токму затоа било значајно овие религиозни слова да бидат пишувани на народен јазик, за да допрат до широките народни маси, наместо мртвиот црковнословенскиот јазик кој бил јазик на институцијата црква. На ваков начин истите прераснуваат во скаменети сведоци на едно време чии современици одамна се мртви за на народен јазик го одбранат своето постоење. Наместо нив, пишаните споменици гласно зборуваат за Македонците и нивниот континуитет низ времето.

Пред мене, во рака го држам познатиот Киевски дамаскин. Киевски затоа што се чува во Киев, инаку пронајден во Крнино, Кичевско, Западна Македонија. Се смета за втор дел, продолжение на Крнинскиот дамаскин и двата ракописа заедно претставуваат единствен целосен текст на МАКЕДОНСКИОТ превод на полниот состав на грчкиот зборник „Тхесаурос“ на Дамаскин Студит. Преводот на македонски бил направен од архиепископот Григориј Пелагониски во периодот 1560-1580 година., помалку од дваесет години по излегувањето на оригиналниот грчки зборник во Венеција во 1557/8 година. Што се однесува до местото на настанување на преписот  најверојатно станува збор за Кичевскиот манастир „Св. Богородица Пречиста“.

Зошто Киевски дамаскин?

Затоа што нѐ потсетува на Македонците во едно време (XVI век) за кое ретко кој зборува. Затоа што сведочи за население (македонско) за кое наменски биле пишувани/преведувани ракописи со религиозни содржини со примеси на нивниот народен (македонски) говор за да можат да ги разберат. Затоа што она што од јазичен аспект е замрзнато во овој пишан споменик во XVI век е само последица од еден жив македонски говор кој постоел и се развивал наназад и во XV, XIV век итн., спротивно на некои тврдења од наши соседи за непостоење на македонски јазик и негово сведување на ниво на дијалект. Затоа што освен многубројните јазични особености зачувани во него (фонетски особености, падежните и предложно-падежните конструкции, градењето на суперлатив, глаголски вемиња и сл.) како непобитен факт стои тројниот член (-от,-та,-то,-те/-ов,-ва,-во,-ве/-он,-на,-но,-не). Тројниот член, кој се смета за уникатно обележје на македонскиот литературен јазик по кое се разликуваме од останатите соседни јазици, гледаме дека бележи континуитет уште пред XVI век.

Затоа што македонските преродбениците од XIX век, не се почеток, туку продолжение на една традиција на дамаскинарите. Делата на Пејчиновиќ и Крчовски и по карактер, и по стил, и по содржина, и по јазик можат да се сметаат за дамаскини од XIX век.

Затоа што терминот „МАКЕДОНСКИ превод на дамаскинот“ за првпат во науката е воведен токму од страна Б.Цонев во неговото дело „Историја на блгарскија език“.

Затоа што….и другите балкански народи се служеле со т.н. дамаскини при разгледување на историскиот развој на нивните јазици, но судејќи по бугарските тврдења (достапни јавно на интернет) најраните писмени споменици за новобугарскиот јазик во вид на дамаскини се оние од 17 и 18 век.

И покрај обидите на бугарската научна и политичка јавност дел од историските факти да ги „интерпретираат“ на начин својствен за нив, сепак јасни и очигледни се фактите кои потврдуваат дека по напуштањето на црковнословенскиот јазик како јазик на иституциите, народите кои живееле на овие простори за меѓусебно разбирање и секојдневна употреба развиле народни говори кои меѓу себе јасно се разликувале. Нивниот развоен пат е разграничен и како резултат на тоа денес имаме два посебни кодифицирани јазика кои служат на потребите на два посебни народа, македонскиот и бугарскиот.

Сметам дека колумната е пригодно да ја завршам со една мисла токму на Дамаскин Студит: „Каква е ползата од една заклучена градина или запечатен извор?“

Тој мислел на неупотребливоста на Светото писмо пишувано на црковнословенски неразбирлив јазик за народните маси, а јас пак, на сите оние писанија и слова кои се чуваат далеку од дофатот на македонските граѓани и светската јавност, затворени во прашливите библиотеки и архиви (најверојатно под дебелите ѕидини на МАНУ), додека на секој чекор нѐ обезличуваат и негираат.

За сите оние политичари и поединци од научната фела кои од лукративни, одродени или само за нив познати причини се обидуваат подмолно да протнат тези на штета на македонштината. Не ја потценувајте македонската јавност! Таа не чита само жолт печат, Македонија има Македонци кои се образоваат.

И да, време е за реформи во образовниот систем повеќе од кога и да е!

Христина Серафимовска

Коронавирус