вторник, 3. август 2021. Вести денес: 173
home Вести

Колумна на Гоце Бумбароски: Еве како неспособните носат неподобни закони и ги онеспособуваат СПОСОБНИТЕ во Македонија!

Колумна на Гоце Бумбароски: Еве како неспособните носат неподобни закони  и ги онеспособуваат СПОСОБНИТЕ во Македонија!

Бидејќи почитувам факти…

Без разлика колку и да е горчлива вистината…

Секогаш, ја претпочитам неа – вистината.

Така што ќе започнам со следниот факт…

Заврши наставната година (рако)водена по новите закони за основно образование и наставници и стручни соработници.

Закони, кои што минатата година беа предложени од страна на актуелниот министер, а потоа беа изгласани и од мнозинството во собранието на Република Македонија.

… без анализа на состојбите.

… без стручна и научна расправа.

Сегашната власт случајно или (не)намерно, донесе закони кои се ПРЕПОЛНИ со аномалии.

– Донесоа закони кои што предизвикаа доста реакции од страна на професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија) при Филозофскиот факултет – Скопје.

Важно е да се знае дека тие се најстручни во областа на инклузија на децата со посебни образовни потреби, а притоа воопшо не беа вклучени во подготвувањето на истиот.

– Донесоа закони, а притоа воопшто не се консултираа со професорите од Институтот за педагогија, кои се најстручен кадар во областа на образованието.

– Донесоа закони без да употребат дел од забелешките и предлозите од Народниот правобранител кои се однесуваат на инклузивниот тим, личните и образовни асистенти.

 

И за крај…

– Донесоа закони без да се консултираат со голем број наставници и стручни соработници.   Закони кои што во ниту еден свој член не ги штитат од дискриминација сопствените вработени.

Тоа е НАВИСТИНА многу ниско и навредливо од страна на еден министер и неговото ресорно министерство.

Еве само еден мал дел од многуте пропусти во донесениот закон за работното време на носителите на дејноста во основното образование – т.е. наставниците.

Во Член 17 од законот за наставници и стручни соработници стои следново:

(1) Работното време на наставникот изнесува 40 работни часови неделно, од коишто 20 до 23 наставни часови.

(2) Во неделниот фонд на наставни часови од ставот (1) на овој член, не влегуваат

часовите за дополнителна и додатна настава.

(3) Во 40 работни часови неделно, наставникот е обврзан да има 5 работни часа

неделно директна, непосредна работа со ученици во додатна, дополнителна настава и воннаставни активности.

(4) За наставниците во основното образование, во 40 работни часови неделно влегува и времето за организирано прифаќање на учениците пред и по наставата.

Па оттаму ќе направиме една обична математика, за да видиме дали соодветствува со реалноста.   Ќе ja земам за пример наставата во Четврто одделение, па според горенаведениот член од законот ќе сумираме.

Започнуваме со ставот 1 каде што е наведено дека работното време на наставникот изнесува 40 работни часови неделно од коишто 20 до 23 наставни часови, но во реалност тоа не е така затоа што одделенскиот наставник одржува 25 часови неделно (+3 часа Англиски јазик одржува друг наставник).

Следи став 2 каде што е наведено дека во неделниот фонд на наставни часови не влегуваат часовите за дополнителна и додатна настава. Тоа се вкупно два часа, па дојдовме до 27 работни часови.

Во ставот 3 кој што гласи: Во 40 работни часови неделно, наставникот е обврзан да има 5 работни часа неделно директна, непосредна работа со (надарени) ученици во додатна, дополнителна настава и воннаставни активности. И кога ќе ги додадеме на претходните добиваме 32 часови.

Став 4 од истиот член посочува дека за наставниците во основното образование, во 40 работни часови неделно влегува и времето за организирано прифаќање на учениците пред и по наставата. И во овој дел имаме 10 часа, плус 32 од претходните ставови доаѓаме до 42 работни часови

Продолжуваме…

Покрај тоа што веќе го надминавме законски определеното време од 40 работни часа неделно, тука не е внесено/пресметано времето за следниве активности наведени во член 14 од истиот закон:

– планирање и подготовка на воспитно-образовната и другите видови професионална работа,

– учество во надворешните мерења на постигањата на учениците (меѓународни и

државни тестирања),

–  водење на педагошка документација и евиденција,

–  соработка со родители,

– соработка со директорот, стручните соработници и другите органи на училиштето,

– работа во стручните активи и другите тела и комисии,

– вршење на задачи на одделенски/класен раководител,

– собирање и обработка на податоци во врска со воспитно-образовната и друга работа,

– менторство на ученици,

– учествува во реализација на испитите од државната матура, училишна матура,

завршен испит, државни и меѓународни тестирања,

– планирање и реализација на професионален развој,

– подготвување и водење ескурзии, излети, натпревари, настава во природа, летување, логорување што ги организира училиштето,

– учество на истражувачки проекти и други активности за унапредување на воспитно – образовната работа,

–  водење на портфолио (дел од професионалното досие) и

– вршење на други работи определени со годишната програма за работа на училиштето.

 

Убаво звучи на хартија, но…

Времето потребно за овие активности изнесува од 10 до 12 часа неделно.

Заедно со горенаведеното доаѓаме до околу 50 до 55 часови неделно. Парадоксално нели!?

Па да резимираме…

Дали министерот навистина и самиот учевствувал во „стокмувањето“ на овие, со факти неподобни и неостварливи закони?

Или сепак, како и во еден куп други случи, додека министерот спокојно уживаше во удобноста на фотелјата од телешка кожа, некои некадарни и неспособни „законотворци“ ги пишуваа овие закони?

ТОТАЛНО занемарувајќи и прескокнувајќи ги професорите, институтите, наставниците – т.е. оние што ќе треба да ги спроведат овие контрадикторни закони?

Патем, не зборувам само од моја гледна точка…

Најголемите проблеми што ќе бидат предизвикани токму поради овие закони ќе се одразат врз децата – т.е. учениците.

Врз младите генерации кои наместо да ги оспособиме, дополнително ќе ги онеспособиме да (не) напредуваат.

Почитувани…

Со овој начин на носење на закони, без апсолутно никаква консултација со просветните работници, НИКОГАШ нема да успееме да ја изградиме нашата младина т.е. нашите ученици во високи професионалци, кадри и професии што ќе и служат и надоградуваат нашата мила Македонија.

… со ваквата работа на министерствата само назадуваме.

Особено кога неспособни, од своите удобни кожени фотелји, носат неподобни и контрадикторни закони, онеспособнувајќи ги СПОСОБНИТЕ во Македонија!

… принудувајќи ги да бегаат од Македонија!

 

Со почит,
за подобри закони, за иднината на нашите нови генерации,

 

Ваш колега наставник (и родител) м-р Гоце Бумбароски

Коронавирус