недела, 13. јуни 2021. Вести денес: 102
home Вести

Колумна на Благоја Маркоски: ДИГИТАЛНИ УЧЕБНИЦИ -некои дополнителни аргументи ЗА односно ПРОТИВ

Колумна на Благоја Маркоски: ДИГИТАЛНИ УЧЕБНИЦИ  -некои дополнителни аргументи ЗА односно ПРОТИВ

Повеќе од половина година се зборува за реформи во образованието во Македонија. По основ на промените на наставните планови и програми со осмислени пи-ар шеми, се спроведе (некаква наводна) широка јавна расправа, на која иако над 80% од инволвираните страни се изјаснија против, сепак „реформата“ присилно се спроведува. Значи нема слух за јавното, стручното и експертското мислење. Под плаштот Природни науки и Општествени науки се избришаа имињата на фундаменталните предмети биологија, географија, физика, хемија, историја, социологија, што е погубно во основното образование да не се слушне дека постојат посебни науки кои проучуваат посебни и одделни проблеми својствени само за конкретната проблематика.

Иронијата да биде поголема и во контекст на пи-ар шемите уште пред прогласувањето на наставните планови се работеше и работи на донесување на нови програми за споените (кркамбар) предмети, кои се базираат на само еден труд од авторите Victoria A.S. Centurino & Lee R. Jones, CHAPTER 2,  TIMSS 2019 Science Framework наспроти целокупната Македонска стручна и експертска јавност (со исклучок на неколкуте наводни педагози).

 

Дигитални учебници

Констатираме дека добивме најнови осакатени наставни планови и програми (кои само што туку беа донесени и имплементирани од 2015 г.), кои треба да послужат за изработка на нови учебници. Но, какви учебници? Дигитални и тоа само и само дигитални учебници. Огромен број на родители (само официјални бројки од над 75000 лица), стручна и експертска јавност со своите знаења и долгогодишни искуства и особено искуствата од наводната електонска настава во екот на пандемијата Ковид-19 искрено укажуваат на низа недостатоци од исклучиво користење на дигитални учебници, но (како и предходно за плановите и програмите) нема слух и разбирање. Иако некој постојано вика „ние имаме разбирање за укажувањата од народот и си ги исправаме грешките, ако евентуално биле грешки, видете имаме примери“. Но тој некој можеби нема да се премислува (гледајќи дека губи поени) да се заблагодари за „услугите“, бидејќи внатре кај него, неговите не се сложуваат со ваквите концепти.

Голем дел од јавноста укажа на инфраструктурата на училиштата, нивната руинирана состојба, нивната несоодветна опременост, квалитетот на комуникациите, спремноста на наставниците и т.н.

Еден почитуван господин, родител, искусен информатичар дословно ја нацрта сериозноста на не применливост на само и само дигиталните учебници и дигитално учење.

Јас за да не се повторувам (иако тоа е скоро невозможно), како автор на многу учебници, како претседател на совет кој одобрил над 70 учебници во Македонскиот образовен систем, изработувач на бројни програми во доменот на географијата и попатно (меѓу другото), како долгогодишен професор по Методика на наставата чувствувам потреба да го изнесам и моето мислење по само и само дигитални учебници и образование. Имено, и во најоддалечените населени места по светот знаат за дигиталната ера на комуникација и соодветно во рамки на можностите ја користат за своите потреби, но кај образовниот систем, бидејќи е систем ситуацијата е поинаква. Системот мора да биде програмски осмислен и сеопфатен а не фрагментарен,

Тоа значи дека мора да се води сметка за:

  • психофизичките можности и развој на ученикот,
  • ангажманот на родителите во сектор за кој плаќаат данок (тие наместо да ја работат својата работа) а треба да ја работат работата на наставниците,
  • економската моќ на родителите за обезбедување на интернет услугите,
  • односот на ученикот и дигиталната апаратура (дали и колку ученикот ќе го гледа дигиталниот учебник наспроти другите предизвици кои му се на располагање),
  • професионалниот карактер на печатените и дигиталните материјали,

 

 

Психофизичките можности и развој на ученикот

Општо е познато дека секоја индивидуа има свои индивидуални предиспозиции во својот развој. При иста возраст некои индивидуи се понапредни некои послаби, а целта е на сите да им се овозможат соодветни услови. Таквите можности со само и само дигитални учебници не може да се постигнат. На пример, сериозно е прашањето, како децата ќе се описменат за да може со своите раце да пишуваат текстови во печатна и ракописна форма ако му се нудат само за гледање коси, вертикални, хоризонтални и т.н сликички. Дали така може да се извежба психомоториката на рацете? Јас не сум уверен во тоа.

Во такви услови сериозно се поставува прашањето, каков ќе биде психофизичкиот развој на ученикот. Тие се процедури кои наставникот стрпливо и долго време ги поттикнува и вежба со секој ученик посебно, се до моментот додека ученикот не совлада пишување и читање, како процес на описменување.

 

Родителите во улога на наставници

Само и само дигитално образование и учебници го зголемуваат ангажманот на родителите во сектор за кој плаќаат данок (тие наместо да ја работат својата работа) а треба да ја работат работата на наставниците. При индивидуалната работа на учениците некој мора да им вклучи конкретни програми, да им пронајде конкретен дигитален учебник, лекција и т.н. Јас не сум убеден дека децата, особено од почетните одделенија можат сами да се снаоѓаат. Родители ме среќаваат и ми се обраќаат со барања од типот „професоре, аман преземајте нешто, не можеме да си ја работиме нашата работа, поради ангажман во образованието на децата“. Наставниците од своја страна само редат домашни задачи и со тоа демек си ја завршиле работата.

 

Економската моќ на родителите за обезбедување на интернет услугите

Многу е голем бројот на родители кои не се во можност да обезбедат соодветни електронски уреди за дигитална настава и учебници, уште поголем е бројот на оние кои не можат да си дозволат постојана, стабилна и брза интернет конекција, постојат и територии т.н. скриени зони, каде не допира сигнал. Значи скапи се тие услуги кои родителите треба да ги поднесат.

Искуството со компјутер за секое дете покажа дека во над 70% тој систем беше неуспешен. Профитираа само компаниите дистрибутери на опремата и можеби некои набавувачи на истата. Попатно, голем дел од таа опрема беше демолирана по разни основи (уништувани монитори, тастатури, инсталации).

 

Односот на ученикот и дигиталната апаратура

Дигиталната апаратура покрај дигиталните учебници, секако поседува серија на други апликации. Во моментот кога ученикот да речеме ќе учи по некој предмет, по логиката чекај да видам ова, да видам она, да видам како е другар ми, другарка ми и слично ќе го губи времето на неважни работи.

Кога е во содржината на лекцијата, тој гледа еден дел од лекцијата и сликите постојано му се зад скриваат, така што визуелизацијата во процесот на учење (како еден од основните методи на перцепција) е нарушена.

Значи сериозно е прашањето дали и колку ученикот ќе го гледа дигиталниот учебник наспроти другите предизвици кои му се на располагање. Еве еден пример: пред околу 25 години една мајка со мало дете на кое му купила уред за игри, по пат од Скопје до Крушево играше на апаратот и покрај молењето на детето да му го врати, таа со зборовите „чекај уште малку“ стигнавме до Крушево. Е замислете, ако таа како возрасно лице можела да се занесува, тогаш што станува за детската радозналост, оригиналност, упорност и т.н.

 

Професионалниот карактер на печатените и дигиталните материјали

Претпоставка е дека дигиталните учебници се изработени според програма и уредени според прописите за учебник, како авторско дело зад кое професионално стојат конкретни автори. Но, на порталите постојат разни материјали кои се далеку од професионалност, бидејќи разни луѓе поставуваат разни материјали со неточни содржини, така што ученикот може да биде доведуван во заблуда. Еве само еден пример, како изгледа една карта на интернет страницата https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A1%D0%B0%D0%BC%D0%BE%D0%B8%D0%BB%D0%BE%D0%B2%D0%BE_%D0%A6%D0%B0%D1%80%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE

Колку е сериозна и научно потврдена вистина, Македонија да се простира во сливот на река Марица, односно надвор од својата матична територија?.

Образовниот процес е сериозна работа и затоа, не експериментирајте со нешто што е докажано дека само и само така не може.

 

Класичниот учебник   

Класичниот учебник, напишан стручно и професионално, според однапред изработена програма од експерти за конкретна проблематика, илустриран со асоцијативно избрани фотографски, картографски и графички прилози, лекториран, редактиран, рецензиран, избран и одобрен е докажана алатка за успех во учењето. Ученикот  (без да се вклучува апарат) постојано е во можност да го прелистува, гледа и чита, така што истовремено ги има на увид методско дидактичките алатки за воведен дел на часот, за главен дел на часот, за завршниот дел на часот (за секоја конкретна лекција), за терминологијата, за додатните содржини од интерес за понапредни знаења и т.н. Дигиталниот учебник тоа се уште не го постигнува од причините погоре објаснети.

 

Малку историја и поука за учебникарството

Некаде во 2005 година заради популизам и политички поени, на издавачките куќи во Република Македонија им беше одземена улогата (според однапред донесени програми) да изготвуваат учебници за основно и средно образование. Таа улога демек под плаштот се грижиме за граѓаните ја презеде МОН (наместо да се грижи само за административните работи во образованието) и почна да изигрува издавачка куќа. Така му уништи дел од бизнисот на низа компании кои се занимаваат со издаваштво, учениците наместо со радост да имаат нови книги им делеа веќе делумно уништени и демолирани учебници. Иако за секој родител беше радост да му обезбеди книги на своето дете како еден дел од грижата за најмилото. Со декрет забрануваа наставни помошни средства. Замислете ученикот да не смее да си купи карта на Македонија од каде визуелно може да го види  распоред на планините, низините, градовите и т.н.

Како Министерство ослободете се од издаваштвото (кое не е ваша дејност). Врате те ги ингеренциите на издавачките куќи и тие низ конкуренцијата ќе ги реализираат најдобрите практики во учебникарството и образовниот процес.

Затоа, оставете го образованието да се одвива низ докажани методи и медиуми. Сите придобивки кои ги има современиот свет од дигиталната сфера, на ученикот, треба и мора да му ги пласира наставникот (со конкретно и професионално избрани информации) и родителот кој во рамки на своите можности ќе обезбеди соодветни услови за тоа.

Тезата дека „ако сакаат родителите децата да учат од учебници тогаш нека си ги отпечатат“ значи задирање во авторските права, квалитетот на отпечатениот материјал (некој во колор, некој во црно-бел), нееднаквост во статусот на учениците, отсуство на култура да се има книга и сопствена библиотека, пад на очекуваното културното ниво на ученикот и т.н.

Престанете да правите инает со народот, стручната и експертската јавност, која стрпливо и упорно ви укажува на состојбите и искуствата од светот. Не вршете психолошка тортура на граѓаните, па потоа да ги судите за нивните реакции.

ЕУРО 2020

Македонија