недела, 31. мај 2020. Вести денес: 27
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Колумна на Билјана Шотаровска: Uber Мacedonische!

Колумна на Билјана Шотаровска: Uber Мacedonische!

Во современи услови Македонија и Македонците сѐ уште немаат мир. Раздразнети и провоцирани без престан, да се докажуваат и денес, на прагот на третата декада од 21 век. Распнати помеѓу борбата да бидат признати и некој да ги уважи нивните основни човекови права на самоопределување и предавството на политиката на власта да тргува со македонските национални интереси.

Покрај сите атрибути на државност и држава de facto и de iure со име, територија, народ, јазик, устав, симболи, култура полека сакаат да нѐ девастираат во секое од овие обележја, да нѐ оспорат до степен на обезличување и самоукинување. Ова мачење низ кое поминуваме ние, а и секоја нова гененерација млади кои растат во Македонија или во светот, е рамно на Сизифовските маки, одново и одново да го туркаме каменот на македонството, но секојпат поголем и пообременет за нови барања, отстапки, уцени, деградирања, што предизвикува чемер рамен на маките на митолошкиот Тантал.

Ние станавме мезе на соседните и европските лешинари, секој  се дрзнува да крои, прекројува, брише и уценува македонско име, народ, нација, јазик и црква. Тие дворски шутови од околните земји намерно нѐ ставаат во ситуација да се правдаме оти постоиме, да се понижиме до тој степен да се срамиме оти постоиме. Ние за жал сме современици на духовните евнуси коишто така кастрирани од чувство за македонскиот народ и македонските интереси, нѐ распродаваат како да сме вејки на ветрот, привиденија кои вегетираат и на живот не умираат.

Малку ли беа тепањата на Македонците во затворите и занданите?

Малку ли се масовни гробници низ Балканов на Македонци загинати во сите балкански и светски војни?

Малку ли се колежи, силувања, расселувања на цели села и области, за кое Европа, а и ние по нејзин диктат не смееме да зборуваме како за етничко чистење?

Малку ли се менувања на вера, презимиња, лични идентитети на обичниот народ и на македонските дејци?

Малку ли се буцкањата и поткупувањата брат со брата да се мразат и предаваат?

Малку ли приказни од Голи оток, забранувани дела, интелектуалци прогонувани и заплашувани со судбините на семејствата, додека не се откажат од македонството?

Се прашувате каде се Македонците во балканската историја?

Македонците ќе ги најдете во сите овие места: во масовните гробници со вар спалени без име и гроб, во земја живи закопувани, во народните песни во црно завиени, во имотните листи од соседните земји избришани.

Македонскиот јазик и дух ќе ги најдете во седум осминскиот такт, во зурлите и гајдите, во манастирите, во црквите опустошувани и спалувани, во црковните книги. Македонците највеќе ќе ги најдете во осиромашените, ограбените, дезориентирани и систематски разнебитени луѓе по светот и во македонската држава, кои сѐ уште срамежливо со грутка во градите и солза во окото ја пеат македонската химна, со трепет типичен за угнетени народи, кои конечно го виделе сонцето на слободата.

Малку ли ви е и ова?! Уште крв ви фали? Уште понижувања, одземања на тлото под нозете што го имаме преку јазикот, името, гордоста и достоинството, дека сме свои на свое? Не сме запоседнале ничие, никому ништо не сме одземале, не сме мачели, ниту убивале во име на некои ,,големи држави“. Сме го бранеле своето од век и ќе го одбраниме за навек, наспроти сегашните марионети и играчки во рацете на туѓите дворови. Да се обединиме пред да нѐ распродадат овие ,,неразбрани трговци”!

 

Билјана Шотаровска, дипломиран професор по филозофија

Коронавирус