петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 140
home Вести

Колумна на Александар Јорданоски: БЕЗИМЕНОТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО НА СДС(М)

Колумна на Александар Јорданоски: БЕЗИМЕНОТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО НА СДС(М)

Воведниот дел на оваа плагијаторска компилација, а би требало да биде изборна програма, е целосно преземен од Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам 2020 – 2022. Видливо е дека определбата „национален интерес во културата“ во континуитет се квалификува како нешто ретроградно, додека: културното наследство игра клучна улога во формирањето на идентитетот на нашите граѓани, и нормало со изоставена придавката на етнитетот. Употребата на заменките и нивните употребени варијации станаа ремек-дело во стилистиката на македонскиот јазик при начинот на замена на придавката македонски и именките Македонија и Македонци во текстовите од ваков карактер.

Со употребата на безлнични форми на изразување уште во почетокот го докажуваат спротивното – нашите граѓани, а да не зборуваме што го потиснаа целосно индентитетот на Македонците со добро познатите клучни моменти: Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, измените и дополнувањата на Законот за употреба на македонскиот јазик, каде што: на јавни настани може да се употребува и македонскиот јазик, како и исфрлањето на поимот културно богатство и негово сведување на творештво во предложениот нов Закон за остварување јавен интерес во културата.

На самиот почеток од ветувањата на темата културно наследство се наведува дека ќе: воведат систем на задолжително финансирање на спомениците од Листата на споменици од национален интерес, по принципот на категорија по вредност и степен на загрозеност. Листата ќе биде отворена и во неа постојано ќе можат да се впишуваат нови споменици од недвижното, движното и нематеријалното наследство. Всуш­ност, овде се работи за апсолутен дилентатизам, бидејќи според членот 45 од Законот за заштита на културното наследство, Управата за заштита на културното наследство е таа којашто го води Националниот регистар на културното наследство со Главна книга која се состои од три посеби дела за недвижно, движно и нематеријално културно наследство. Понатаму, Управата води и дополнителни регистри како што се: Регистар на добра под привремена заштита, Регистар на културно наследство во опасност и Регистар на резервирани археолошки зони.

Понатаму, се посочуваа дека ќе воведат: систем на задолжително финансирање, што во суштина е измислување топла вода, бидејќи задолжителното финансирање е предвидено со Годишната програма за остварување национален интерес во културата, предвидено со јавен повик во текот на јуни секоја година. Дополнително, доколу кај културното наследство постои непредвидена загрозеност од каков и да е карактер, и Законот за заштита на културното наследство и Законот за културата и сега превидуват интервентни, односно вонпограмски средства.

Точката која се однесува на: зголемување на бројот на стручниот кадар е одамна апсолвирана состојба која веќе е разработувана за системно решавање кај ВМРО – ДПМНЕ.

Тоа што е особено интерсно е непрекинатиот интерес за мега-проектот Скопје 2014. Имено, тука се укажува дека ќе: извршат ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект Скопје 2014, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство. Овде, исто така, се гледа елементарно непознавање на позитивната легислатива. Сите споменици подигнати во централното градско подрачје со поставени врз основа на Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, па, така, тие не ни претставуваат културно наследство. Значи, нешто што не е впишано во некаков регистар не може да биде избришано. Доколку мислеле на заштитата на двата музеи покрај Вардар – Археолошкиот музеј на Македонија и Музејот на македонската борба за државност и самостојност, тие се заштитени по сила на законот, односно ex lege. Но овде е друго во прашање. Крајната цел на Преспанскиот договор во музејската дејност е поништување на Археолошкиот музеј, додека крајната цел на Договорот за добросо­седство со Бугарија во истата дејност е поништување на Музејот на македонската борба. Почетната фаза од оваа намера е нивното преименување. На Археилошкиот музеј му ја додадоа придавката северна, а, вистина, на Музејот на македонската борба не му придадоа географската одредница, но му ја одзедоа именката државност. Да бидат нешата појасни, крајната цел на самостојноста е државност.

Интересна е најавата: за прв пат донесовме сеопфатен План за управување природно и културно наследство. Прв пат – небаре претходно немало ништо, а отсега почнува постоењето; но и точноста на формулацијата е исто така важна, особено во вакви документи кои понатаму ќе се преточат во државни акти, значи – План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион 2020 – 2029.

Планот, во најголем дел, е изработен од Владата на ВМРО – ДПМНЕ во изминатиот период. Подготовките за негова изработка почнуваат уште во 2009 година. За да се изработи ваков сеопфатен план прво се создадоа предусловите. Така, во 2010 година се донесе Законот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион во чии рамки се формираше и Комисија за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион. Во периодот 2014 – 2018 година со надлежните институции од Албанија и со поддршка на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, како и неговите советодавни тела – ИКОМОС, ИУЦН и ИКРОМ, беше спроведен т.н. UP STREAM процес. Во рамките на овој процес се оствари интензивна соработка меѓу надлежните институции, што имаше влијание и врз опсегот и квалитетот на нацрт-плановите за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион во двете земји. Исто така, многу важен елемент во врска со овој плански документ е и донесувањето на Законот за прогласување на Старотo градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење во 2011 година. Ништо ниту започнува ниту завршува со добивањето политички мандат на некоја политичка партија.

Во програмата се наведуваат и дека: ќе ја засилат соработката меѓу музеите и галериите на целата територија на државата, со акцент на заеднички мобилни изложби, што во суштина е редовна размена на изложби меѓу музеите, галериите и спомен-куќите, а таквите проекти редовно се поддржуваат преку Годишната програма за национален интерес во културата. Ваквите флоскули претставуваат одмана изветвени политички пораки.

Забележливо е ветување за обнова на просторите на музеите и галериите, поименично нагаласувани, нешто што Владата на ВМРО – ДПМНЕ го започна како системска сеопфатна активност уште во 2015 година, а се однесуваше и на постојаните поставки и депоата, и кај националните и кај локалните музеи. Отворањето на обновената постојана поставка во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица (археологија, етнологија, историја и историја на уметноста) на 18 мај 2018 година, целосно финансирана и реализирана во 2015, 2016 и 2017 година, е највидлив пример и за плагијаторство и за припишување туѓ труд како свој.

Но што е суштината на безименото културно наследство? Во целиот дискурс провејува усвојувањето на обезличените глобалистички сфаќања, што се апсолутно спротивни на традиционалните национални вредности. Нивното усвојување и вешто проткајување низ пораките во текстот не се од некои големи размисли, филозофски погледи или, пак, следење на трендот на животот. Не, тука има персонално задоволување на гневот од една изгубена битка од пред дваесеттина години. Да, неуспехот за возобнувување на храмот на светителот на македонската писменост – св. Климент. А во меѓувреме ќе се јават и сезнајни општествени аналитичари, расфрлајќи ги своите мисли како препаени пласми, толкувајќи го збиднувањата со зборови од Вујаклија, несетени дека Фројд е жив.

Егејката од Бапчор сè уште се води од гневот заради успехот на охриѓанецот од Вапила. На охридскиот рид вапилчанецот возобнови историја илјадалетна за Македонија, слично како и професорот од Долно Дупени петнаесетина години подоцна на тврдината во метрополата на Македонија. Но за да се задоволи апетитот на гневот се продава и идентитетот – светоста. Делата на тврдините ќе нè надживеат и нас и оние по нас, а апетитот на гневот ќе се заврши со овоземското постоење.

Но родилката од Бапчор поинаку пееше, пееше за традицијата, пееше за духот кој го одржа народот:

 

Разболе ми се Калина

во това поле широко, широко.

Никој при неја немаше,

сал едно пиле шарено, шарено.

Со уста вода носеше

со крилца сенка држеше.

– Еј море пиле шарено,

шо добро виде од мене, од мене?

– Калино, моме убава,

кога гореше гората, гората,

ти мен во раци држеше,

со масло крилца ладеше, ладеше.

 

Дали гневот е поскап од Македонија!? За сите идни гневови…, да не биде повторно од трендафил трн!

 

 

м-р Александар Јорданоски

Коронавирус