петок, 4. декември 2020. Вести денес: 166
home Вести

КОЛУМНА: Македонската жена и карантинот

КОЛУМНА: Македонската жена и карантинот

Во време на светска пандемија, не е погрешно ако се чувствуваш непродуктивно и онака светот го спасуваме со седење дома. Но, дали тоа важи за македонската жена? Особено онаа која оди на работа и покрај пандемијата. Во македонското конзервативно општество, улогата на жената е малку поразлична од оние на западниот свет. Македонската жена не го спасува светот со одмарање дома, напротив, да си жена во Македонија, значи да успееш да одговориш на сите обврски и задачи, како на работа, така и дома. А за време на самоизолација, особено ако не одиш на работа, се очекува од тебе да си максимално посветена на домашните обврски.

Секако, многу жени уживаат во домашните обврски, но што е со деловните жени? Што е со оние кои се обиделе да ја прекршат стигмата и да го скинат синџирот на општествено – конзервативни очекувања од жената, оние кои го посветиле животот на образование и создавање на одржливо претприемништво? За жал, сеуште во Македонија постои перцепцијата за жена домаќинка, која е една од причините жените да бидат помалку платени од мажите. Македонската жена не помалку вредна и успешна од европските или светските, сеуште се бори за своите реални и вистински вредности и права. Родовата еднаквост е со родово – поделени податоци кои и натаму недостасуваат во многу области, растргнати во извештаи, институции и организации.

Верувам дека сега е моментот, во принудна самоизолација, кога деловната жена треба да го искористи слободното време да се усоврши во полето на својата професионална дејност, за во моментот кога светот повторно ќе почне да функционира нормално, да бидеме посилни и поподготвени во нашите заложби да ги победиме општествените стигми и очекувања кои предолго ја заробуваат македонската жена.

Како и да е, домаќинка или деловна жена, во сите функции „таа‟ е личноста која знае да се снајде и да го направи домот посреќен, семејството собрано, а работата навреме завршена.

Додека пак за посериозниот предизвик со кој се соочува македонската жена во време на пандемија, националната мрежа против семејното насилство неодамна упати апел и загриженост дека ризикот од насилство врз жената во време на социјална изолација е сериозно повисок и дека жртвите на семејно насилство во овие моменти не се воопшто безбедни во своите домови, односно се во животозагрозувачка состојба. Тие тврдат дека поради затворените спортски обложувалници, кафеани и други можности за да се канализира агресијата, единствено што останува достапно се семејствата. Жртвите на семејно насилство во овој период на светска криза имаат драстично намалени можности да се заштитат, здравствените институции се преоптоварени во борбата против корона вирусот, а центрите за социјална работа работат само преку телефонски јавувања. Во вакви услови, особено во населени места кои се под целодневен карантин, останува жените да си помогнат една со друга. Тоа е така затоа што државата се покажа неспособна да ги заштити жртвите на родово насилство, а тоа го докажуваат научните студии кои секогаш ја пласираат Македонија во третата категорија, односно во друштво со арапски и афрички држави каде што постои висок степен на семејно насилство.

Како и секогаш, така и во ова време – невреме, ние жените мора да си помогнеме една со друга, да не се колебаме да пријавиме кога знаеме дека нашата сосетка или колешка е жртва на семејно насилство и да ја победиме заостанатата општествена стигма, дека „тоа не е наша работа‟.

Ако си жена, тогаш е твоја работа! Ова е наша борба во која што мора да победиме денес и сега, за да не дозволиме нашите ќерки и внуки да се соочуваат со истото.

Пишува: Наде Цветкоска, магистер по економски науки

Коронавирус