понеделник, 14. јуни 2021. Вести денес: 145
home Вести

КОЛУМНА: Граѓаните долго го негуваат соживотот во Гази Баба, очекуваат развој и реални промени

КОЛУМНА: Граѓаните долго го негуваат соживотот во Гази Баба, очекуваат развој и реални промени

Нашата општина отсекогаш била пример за заедница во која живеат и се разбираат граѓаните без разлика на нивната етничка припадност, вероисповед или политичко убедување. Од дамнешни времиња солидарноста и толеранцијата биле обележје на ова поднебје. Со генерации го негуваме соживотот, споделуваме добро и лошо, секогаш останувајќи сплотени и помудри за уште едно искуство. Во минатото сме имале многу заеднички предизвици кои до ден денешен успешно и без последици ги надминувавме. Верувам дека тоа што израснав во мултиетничка средина влијаеше врз моите животни вредности, од семејството бев воспитуван да ги почитувам сите луѓе и во нив секогаш прво да го барам доброто. Во нашиот дом доаѓа и сеуште доаѓаат многу познаници и пријателите од други вероисповести.

Културата на соживот е длабоко вкоренета во нашата општина и претставува успешен пример на граѓанска поврзаност на која сме посебно горди. Познавајќи ги добро моите сограѓани сигурен сум дека нема да дозволиме политичко манипулирање со нашите чувства ниту пак ќе дозволиме да бидат загрозени основите на кои се гради нашиот соживот. Верувам дека заеднички можеме да се избориме нашата општина да остане позитивен пример за тоа како се негува довербата помеѓу Македонците, Албанците, Бошњаците, Србите, Ромите, Турците и други наши сограѓани притоа не дозволувајќи било каква форма на дискриминација. Во текот на здравствена криза предизвикана од пандемијата бевме сведоци на многу хумани гестови на нашите сограѓани и организации кои помагаа насекаде каде што беше потребно. Изложеноста на големата закана од ковид вирусот уште повеќе не сплоти при што покажавме високо ниво на солидарност и емпатија кон најранливите и заеднички се бориме да ја заштитиме нашата заедница.

Жалосно е што локалните власти водат грижа само за крупните бизнис интереси и сето тоа замаскирано позади скапиот пиар кој го плаќаат граѓаните. Најмалку тие и нивната партија ја донесоа почитта во Гази Баба меѓу православните и муслиманите, меѓу Македонците и Ромите или меѓу Албанците и Србите. Не, тие само се обидоа да профитираат на нивниот грб не слушајќи дека сите бараат градинки, училишта, паркови, проекти кои ќе го подобрат секојдневниот живот.

Мојата визија е дека соживотот не треба да биде политичка манипулација зад која ќе се кројат бизнис интереси на поединци и празни зборови со кои ќе се расфрламе пред избори како што до сега тоа го прави Социјалдемократскиот сојуз. Нас ни треба искрена порака за поврзување и за доверба меѓусебе. Само така може да влијаеме и врз квалитетно водење на општината. Гази Баба има огромен човечки потенцијал кој треба целосно да се вклучи во општиот развој. Комуналните проблеми не засегаат сите кои живееме на овој простор кој преку долгорочни и одржливи проекти мора да го направиме многу подобро место за живеење. Во услови на економски застој и сериозни последици од пандемијата нужно е да се креираат квалитетни политики кои значително ќе придонесат за создавање на услови за достоинствен живот (не како оној што ни се ветуваше во 2017 година од страна на актуелната локална власт). Ваквиот пристап треба да биде препознаен од сите и да ги охрабри својата иднина да ја планираат тука во Гази Баба.

Младинскиот активизам и градењето на врски кои одговораат на времето мора да ги стимулираме и да им даваме можност да го даваат најдоброто од себе. И во иднина наша должност и прашање на највисока одговорност ќе биде младите во општината да ги насочуваме во духот на заедничкиот живот. Локалната самоуправа може да има значајна улога во остварување на оваа мисија најмногу преку обезбедување на инклузивност во донесувањето на одлуките за да можат сите граѓани да партиципираат во креирањето на иднината на општината.

Ве поканувам заеднички да работиме за развој на општина Гази Баба каде што граѓанскиот соживот ќе биде преточен во нова можност на сите. Да се вклучиме сите за нова инфраструктура, подобри услови за спорт и рекреација, за економски просперитет!

Во духот на празниците Ви посакам здравје, мир, толеранција и успешен соживот. Овие празници да ги поминеме во хармонија и благосостојба.

 

колумна на Боби Стефковски

ЕУРО 2020

Македонија