среда, 16. јуни 2021. Вести денес: 137
Во живо

ВО ЖИВО: 31 година ВМРО-ДПМНЕ „Македонија за сите луѓе“

home Вести

Колумна: ДОЛГОТ ШТО ГО ИМАМЕ КОН МИСИРКОВ Е ЕДНАКОВ НА БЕЗЗАВЕТНАТА ЉУБОВ КОН МАКЕДОНИЈА!

Колумна: ДОЛГОТ ШТО ГО ИМАМЕ КОН МИСИРКОВ Е ЕДНАКОВ НА БЕЗЗАВЕТНАТА ЉУБОВ КОН МАКЕДОНИЈА!

Во време на прогласена вонредна состојба и епидемија кога наставата продолжува со далечинско учење денешниот час ќе го започнеме со мислата на Блаже Конески: „Јазикот е заправо единствената наша комплетна татковина“.

Македонската националност од денешен аспект е историски факт и таа нема што повеќе да се докажува. Целиот овој изминат период сведоци сме на фрлањето кал на нашите светли личности и датуми. Застапниците на великобугарската програма во однос на Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик само ги дополнуват великобугарските аспирации, по принципот дека сѐ македонско станува бугарско.

Нападите не се новина, тие се уште од 19 век и главно се сведуваат на две работи: едната дека македонските дејци се туѓи и плагијатори, и другата дека македонскиот јазик не може да биде македонски, туку регионална писмена варијанта на бугарскиот или српскиот јазик, впрочем и последно ќе слушнеме дека „Македонскиот јазик е западнобугарски дијалект со србизми“.

Ама и Бодуен де Куртене и Ватрослав Јагиќ научно докажаа дека македонските дијалекти имаат свој посебен дијасистем односно јазикот е одделен словенски јазик.

Се поставува прашањето каде бевте сите вие одродени на часот за стожерната фигура Крсте Петков Мисирков и златната книга на македонизмот „За македонцките работи“?

Зошто уште не излезена од печатница, бугарските власти ја заплениле и уништиле книгата?

Зошто Мисирков како Македонец во Бугарија се чувствува како на туѓина и не е дома, во својата татковина?

Но, јас знам и сум цврсто убеден дека кај секој вистински Македонец има јазична свест и многу добро знае, па затоа ајде уште еднаш сите да ја препрочитаме „За македонцките работи“ од Мисирков (оние десетина примероци коишто го преживеаја погромот), каде што многу јасно и децидно ги кажува своите ставови за македонското прашање и македонскиот јазик. Во неа лежат одговорите на сите македонски прашања кои се поврзани со самобитноста и посебноста на македонскиот народ и јазик.

Крсте Петков Мисирков роден 1874 година во селото Постол (денешна Вергина, некогашна Пела, престолнина на Александар Македонски во Егејска Македонија) целиот свој живот го посветува во борбата за македонска културна и национална афирмација.

Делото на Мисирков е историска синтеза и најсилното научно оружје за одбрана на македонскиот јазик против сите напаѓачи, како на јазикот така и на македонската нација. Мисирков буди инспирација да се негува и сака сопственото, синоним за македонската посебност и непокор. Мисирков проникнува во сушноста на македонскиот народ.

Во 1903 година во Софија, непосредно по Илинденското востание ја објавува „За Македонцките работи“ во која ги означи посебностите на македонската нација, првпат ги кодифицира македонскиот литературен јазик и правописот кои како што и самиот вели треба се потпираат на централните македонските говори.

На сите тогашни и денешни напади одговорот на Мисирков ќе биде: …Не Русија и Австро-Унгарија сет непријатели на Македонија, а Бугарија, Грција и Србија. Само енергична борба со тија држави ќе избаит од погубуајње нашата таткојна.“ („За Македонцките работи“, 1903 г.)

Самиот Мисирков на своите современици им објаснува и им докажува дека Македонците се посебна народност – македонска, со свој јазик – македонски. Затоа во статијата „Македонски национализам“ објавена во списанието „Мир“ на 12.3.1925 година ќе рече:

„Нека ми биде простено, но јас, како МАКЕДОНЕЦ, на прво место ги ставам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум МАКЕДОНЕЦ, со МАКЕДОНСКА свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината…“, Мисирков понатаму нагласува: „Македонците и се нужни на Македонија, зашто само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив!“

Потребата од обнова на Охридската архиепископија како Единствена, Соборна и Апостолска црква ќе биде нагласена во делото на Мисирков.

Зошто тој апелира за ширење на научно-литературни другарства низ Македонија?

Ете зато сега МАНУ има долг да ги одбрани сите напади кон Мисирков.

Во статијата „Самоопределување на Македонците“ објавена во списанието „Мир“ на 25.3.1925 година се гледа дека пред себе ги имал интересите на Македонија и никогаш не потклекнал:

„Свеста и чувството дека сум МАКЕДОНЕЦ треба да стојат повисоко од сѐ друго на светот…“

Часот ќе го завршиме со мисла од истата статија: „Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постајаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам, изјаснет преку „простачките умувања на еден човек што уште не си ја знае народноста“.

На крајот стигнуваме и до конечната стандардизација започната уште од Мисирков во 1903 година која се остварува на 2 август 1944 година на Првото заседание на АСНОМ со прогласување на МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК за официјален. Часот има симболичен датум затоа што токму на 5 мај 1945 година е усвоена МАКЕДОНСКАТА АЗБУКА, а на 7 јуни е усвоен МАКЕДОНСКИОТ ПРАВОПИС.

До кога ќе владее духот на пониженост?

До кога Македонија престана да биде гроб, за да стане пекол?

Секој човек што ќе го нападне делото на Мисирков тој не ги почитува македонскиот народ и држава. Кога се споменува Мисирков се мисли на Македонија. Кога се изговара името Македонија тоа го содржи и името на Мисирков. Долгот на Мисирков е еднаков на долгот кон Татковината. Делото на Мисирков е рожба на македонскиот национален дух, огледало на едно историски пресудно минато на македонскиот народ и Татковината, но и силен одек и продор во иднината.

Да го одржуваме жарот на патриотизмот!

 

Перчо Божиновски

ЕУРО 2020

Македонија