петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 151
home Вести

Кој сака да го „срамни со земја“ нашиот Вардар?!

Кој сака да го „срамни со земја“ нашиот Вардар?!

Нов шок и разочарување ја потресе македонската јавност откако излезе веста дека Сергеј Самсоненко дефинитивно си оди од Вардар.

Сопственикот на Вардар во 2012-та година прво влезе во женскиот ракометен клуб на Вардар, а потоа и во машкиот и во фудбалскиот клуб.

Од 2012-та година па до денес, Сергеј Самсоненко инвестираше милиони евра во овие три клуба, а воедно и постигна успеси како ниту една друга екипа на клупско ниво.

Фудбалскиот клуб влезе во Лига Европа, а машкиот ракометен клуб два пати ја освојуваше Европа.

Ракометарите на Вардар во 2017-та и во 2019-та година се искачија на врвот на Европа, освојуваќи ја Лигата на шампиони, најсилното клупско натпреварување во Европа.

Македонија и Македонците се радуваа, преку 100.000 народ од цела Македонија доаѓаше да ги пречека нашите шампиони, малите деца се сликаа со своите херои, едноставно изминативе 8 години Вардар беше најсветлата точка во Македонскиот спорт. Вардар пишуваше историја за која светот зборуваше, зборува и ќе зборува, а денес некој реши тоа да го промени!

Денес некој цврсто решил „да го срамни со земја“ нашиот Вардар или како што правите вардарци сакаат да се наречат СЕМЕЈСТВО.

Неколку години наназад, Сергеј Самсоненко, излегуваше во јавноста, бараше помош од државата, бидејќи имаше реална потреба од тоа.

Власта остана глува на ова!

Да се навратиме во 2018-та година, кога Министерството за култура на Република Македонија им даде субвенции на навивачката група „Балисти“ на тетовска Шкендија.

Сè уште не го заборавивме и настанот со „Шверцери“ во МНТ.

Е сега, од една страна имаме клубови на кои им се делат државни пари, а единственото нешто што тие го прават е штета на државата, а од друга страна го имаме нашиот бренд по кој нè познава светот, нашиот Вардар.

За „Балисти“ и „Шверцери“ има пари, а за Вардар нема, народски кажано, „Државата за едни мајка, а за други маќеа“.

Но дали позади бркањето на Самсоненко се крие нешто друго, дали актуелната власт сака клубот да го даде на некој свој?!

Доколку Сергеј Самсоненко си отиде од Вардар, клубот оди во рацете на Град Скопје. Таму власт во моментов е СДСМ, а градоначалник Петре Шилегов.

 

Кој е и што направи Сергеј Самсоненко за Вардар?!

Во Вардар дојде во 2012 година, прво го превзема ЖРК Вардар, а потоа влезе и во РК и ФК Вардар. Русинот започна амбициозно, звучни имиња дојдоа во Вардар, посебно во РК и ЖРК, Тимур Дибиров, Арпад Штербик, Хорхе Македа, Жоан Кањелас, Игор Караџиќ, Лука Циндриќ, Андреа Лекиќ, Ина Суслина, се само дел од плеадата на ракометари кои дојдоа во двата ракометни тима на Вардар. Имиња кои оставиле белег во ракометот, но и имиња кои денес се страв и трепет за противниците, имиња прогласувани за МВП во Лигата на шампиони, едноставно врвни ракометари дојдоа во Вардар!

Вардар на почетокот играше во својот тогашен храм, салата под Кале, а натпреварите од Лигата на шампиони ги играше во салата „Борис Трајковски“. Русинот не се помири со тоа, па во 2014 година изгради нов спортски храм во Аеродром, салата „Јане Сандански“, храм со кој денес сите се гордееме. Екипа од рангот на Вардар заслужува да игра во свој спортски храм.

Сергеј Самсоненко инвестираше и во Академијата на ФК Вардар, изгради академија во Градскио парк во Скопје и најсовремен тренинг центар во Хиподром, тренинг центар од светски рамки, каков што му доликува на Вардар.

Ова се само мал дел од инвестициите на Рускиот бизнисмен во Македонија, а останатите негови инвестиции во македонскиот спорт се сметаат во милиони евра. Но ова како да не и доволно на актуелната власт, па така почнаа со хајката против него.

Роберт Алаѓозовски, поранешниот министер за култура и сегашен советник во Владата на СДСМ на Твитер го нарече „Куртоненко“.

Самсоненко на јавна аукција купи локација зад Источната трибина на градскиот стадион во скопскиот парк за да изгради младински тренинг центар, Андреј Жерновски држеше прес-конференција пред Арената „Филип Втори“ обвинувајќи дека тогашниот премиер Никола Груевски и Сергеј Самсоненко се договориле сопственикот на Вардар евтино да ја купи локацијата и да градат заедно згради наместо младински тренинг камп.

Жерновски свесно лажеше, зашто добро знаеше дека никој друг не се јави на аукцијата, иако беше слободно за секој и токму затоа беше поевтино земјиштето. Знаеше и дека во ДУП е предвидено исклучиво спортско игралиште и дека не може да се градат згради. Жерновски свесно лажеше со умисла, знаејќи дека нема никакви аргументи. Жерновски во изјавата тогаш рече дека Самсоненко и Владата направиле криминоген договор.

Медиумите пак под контрола на СДСМ и Сорос цело време отворено пишуваа против рускиот сопственик на Вардар, тие дури и го обвинија дека тој спрема војна во Македонија. Во моментите пак додека Вардар со инвестициите на Самсоненко секој ден се повеќе и повеќе растеше, Јани Макрадули од Катица Јанева побара да му го замрзне имотот на Самсоненко.

Човекот кој направи вистинска револуција во македонскиот спорт, за новата власт и медиумите кои се под нејзина контрола беше презентиран како се најлошо, беше обвинет дека ќе правел војна, беше навредуван. А Сергеј Самсоненко на македонскиот спорт му донесе само радости и историски успеси.

Без никакви докази беше доведуван во поврзаност со поранешната власт, со медими и компании. Се вршеа притисоци и врз политички неопределени новинари да се „ископа“ некаква валканица за Самсоненко.

Така, им пречеше тоа што ја доби спортската сала во Аеродром на 35 години концесија. А токму во светските спортски медиуми се наведува како голем успех неговиот проект Вардар кој за помалку од десет години се исчакува на шампионскиот пиедестал.

Одговорот на прашањето, како тим од Балканот, Вардар, кој доаѓа од држава со население колку што има едно предградие на Париз, чијшто фаворит е совладан од македонскиот првак и постигнува ваков грандиозен успех, во странските медиуми се посочува токму воспоставувањето на клупска инфраструктура каква што ја имаат европските спортски гиганти.

 

Планира ли власта Вардар да го даде на „свој“ човек?

Во јавноста подолг временски период кружат муабети дека актуелната власт сака да го избрка Сергеј Самсоненко од Вардар, а на негово место да си постават свои луѓе, но исто така се шпекулира и за имињата на истите.

Кружат муабети дека во игра се имињата на тројца бизнисмени, добро познати на македонската јавност, но поради немањето на официјална информација нема да ги објавиме истите.

Останува времето да покаже каква судбина му крои оваа власт на Вардар, но во едно сите сме согласни: Вардар не смее да падне на дното, а политичарите мора да престанат да му наштетуваат на клубот.

 

Ристе Здравков

Најнови вести

Коронавирус