понеделник, 16. декември 2019. Вести денес: 30
home Вести

Кои се нарачателите на нападот врз Јанакиески и Ристовски: Молк од институциите

Кои се нарачателите на нападот врз Јанакиески и Ристовски: Молк од институциите

Ниту една од институциите не излезе со официјално образложение за тоа што точно се случило денес во притворското одделение во Шутка.

Тоа што е познато е дека се претепани поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои имаат и повреди.

Од Владата, министерството за правда, Управата за извршување на санкции, судот, нема никакви информации за тоа како дошло до овој инцидент, кои се нарачателите за физичкиот напад или евентуалната причина за тоа.

Молкот од институциите остава простор за сомнеж дека нешто сака да се сокрие, па најавувајќи информации за утре, прават простор за секакви претпоставки.

Премиерот Зоран Заев и министерката за правда, Рената Дескоска, се должни да одговорат со какви информации располагаат за овој случај. Но, двајцата, како и останатите надлежни, одлучија да молчат.

Неколку медиуми на албански јазик објавија дека Јанакиески и Ристовски се нападнати од лице од кумановската група, вмешано во случајот Диво насеље.

Се поставува и прашањето каде биле чуварите од затворот во тој момент? Зошто не е интервенирано со цел да биде спречен физичкиот напад врз двајцата поранешни министри.

Еден од затворските чувари неодамна веќе најави што подготвува за во затворот. Затворскиот чувар Жарко Милошевиќ кој е вработен во истражниот затвор Шутка јавно се заканувал на социјалните мрежи.

Во преписка на Фејсбук, Милошевиќ се заканувал со метод “Црнец во темница”, што во конкретниот разговор на Фејсбук е алузија на сексуално насилство од маж кон маж.

Тој во пост го тагирал пратеникот на СДСМ, Павле Богоевски и се заканувал на опозициски активисти.

КУРИР побара одговори од  Управата за извршување санкции и од канцеларијата на Народниот правобранител, но од двете места ни кажаа дека во 16 часот им истекло работното време и детали за случајот одбија да дадат.

Директорот на Управата Јовица Стојановиќ, во телефонски разговор за КУРИР вели дека е запознаен со случајот, но информации ќе има во текот на утрешниот ден.

-Дознав дека имало инцидент во притворското одделение. Кој бил учесник, јас не знам. Сега е завршено работното време, утре ќе пратам луѓе да го истражиме случајот, рече Стојановиќ во изјава за КУРИР.

Побаравме одговор и од канцеларијата на Народниот правобранител.

-Службите за односи со јавност работат до 16 часот. Побарајте ги утре после 8, ни одговорија од таму.

Од Основниот суд Скопје 1 за КУРИР потврдуваат дека се случил настанот, но детали не соопштуваат.

-До судот е пристигнато известие за физички напад. Судија утре ќе оствари посета на судот и ќе констатира за што станува збор, ни одговорија од Судот.

На нашето прашање зошто не се постапи веднаш, туку ќе чекаат до утре, од Судот ни одговорија дека посетите се редовни и се случуваат во петок.