четврток, 5. август 2021. Вести денес: 172
Вонредна вест

ЦРНА СТАТИСТИКА ВО МАКЕДОНИЈА: Од коронавирус починаа 4 лица, 219 новозаразени

home Вести

Кога и да бидат изборите, тие НЕМА ДА БИДАТ ЛЕГАЛНИ

Кога и да бидат изборите, тие НЕМА ДА БИДАТ ЛЕГАЛНИ

Завршува третата вонредна состоба која, по барање на владата предводена од Оливер Спасовски, ја прогласи претседателот на државата Стево Пендаровски. Зошто се воведуваше вонредна состојба, и зошто завршува токму сега?

Вонредната состојба се воведе на 18 март, според Пендаровски, за да се воспостави систем на однесување кој ќе спречи ширење на епидемијата на корона вирусот и ќе овозможи владата со проширени овластувања и носење уредби со сила на закон наместо собранието да донесува мерки за заштита на здравјето и животите на граѓаните.

Иако Уставот предвидува вонредната состојба да може да трае само 30 дена, Пендаровски донесе уште две одлуки од по 15 дена, со што вонредната состојба се оддолжи на 60 дена. Сега изјавува дека нема потреба од продолжување на вонредната состојба бидејќи владата и без неа имала овластувања низ одлуки за заштитни мерки да регулира однесување во време на епидемијата.

Ако е така, се поставува прашањето зошто тогаш воопшто Пендаровски донел одлуки за вонредна состојба кога тие не се од значење за одлуки на владата поврзани со епидемијата на корона вирусот?! Зошто два месеци живееме во вонреден режим, со затварање работни места, заклучени во карантини и затворени граници и власт надвор од Устав ако тое не било од интерес за јавното здравје и животите на граѓаните.

Првото прогласување вонредна состојба беше прифатено од јавноста во таа атмосфера на страв и неизвесност, иако само неколку држави во Европа воведоа вонредна состојба и апсолутна власт на нивните влади. Но, како времето одминуваше јавноста стануваше свесна за злоупотреба на вонредната состојба за партиски цели и почна да негодува. Дека се работи за манипулација и злоупотреба особено се виде деновиве. Кога Пендаровски прогласи вонредна состојба во март, како и во мај, имавме околу 50 заболени дневно, кога ја укинува имаме од 150-180 заболени на ден. Значи, вонредната состојба не била заради степенот на зараза, за друго нешто била.

Во вонредната состојба владата носеше одлуки кои немаат никаква допирна точка со епидемијата, туку со интересите на владеачката СДСМ за претстојните парламентарни избори. На оние кои загубиле работа заради наредба на владата да се запре работата на нивните фирми наместо финансиска помош и надомест им се дадоа кредити. Но, затоа Кочо Анѓушев, олигарх од СДСМ и дел од власта, добива паричен надомест за своите компании. Во вонредната состојба, во мај, владата делеше лиценци за производство на марихуана, бизнис под контрола на семејството Заеви, што не е во никаква врска со епидемијата.

Во време на вонредната состојба владата подели 500.000 евра за невладините организации на СДСМ кои им се логистика за избори, додели пари и за нивните медиуми но, ниту едно евро не подари за 20.000 отпуштени работници во туризмот, транспортот или угостителството. Во време на вонредната состојба градоначалниците и министрите на СДСМ вработија повеќе од 1.000 луѓе во државната администрација и локалната самоуправа за потреби на изборите.

Во време на вонредната состојба владата донесе одлука за изборен поткуп со делење пари на гласачите преку картички во износ од над 25 милиони евра. Во време на вонредната состојба владата се задожи со нови кредити за над 1 милијарда евра, пари кои очигледно нема да завршат кај фирмите и вработените.

За тоа време владата не купи ниту еден респиратор за лекување на тешко заболените од корона вирусот, ниту едно амбулантно возило, а опремата за заштита на медицинскиот персонал и полицијата во наголем дел се добиваше со донации од Кина, ЕУ, САД и други држави.

За време на вонредната состојба, со земени кредити од над 1 милијарда евра за овие 100 дена епидемија, Македонија има нов буџетски дефицит од 300 милиони евра! Сега е јуни, буџетскиот дефицит предвиден за цела година потрошен е за само 5 месеци. До крајот на годината тој ќе биде најмалку 800 милиони евра, што е нова дупка во буџетот од 500 милиони евра и најава за тешка економска криза и губење работни места.

Тоа е производ на вонредната состојба и неограничените овластувања кои на владата предводена од СДСМ им ги даде претседателот Пендаровски. Заштита на граѓаните, нивното здравје и животи не видовме. Прво, затоа што Македонија има најмногу починати од корона вирус во регионот, а второ затоа што влеговме во вонредна состојба со 50, а излегуваме од неа со 150 заболени од корона вирус дневно.

Откако СДСМ ги заврши партиските потреби кои можеше да ги спроведе само во вонредна состојба, Стево Пендаровски вонредната состоба – ја запре. А епидемијата трае, и тоа во експлозивна фаза и формат.

Ова е првата, и најважна причина зошто изборите во јули не можат да се сметаат за легални и легитимни. Партискиот договор помеѓу Пендаровски и Заев за создавање услови во кои СДСМ масовно ќе купува гласачи, врши партиски вработувања и донации, ставија печат на нелегалноста. За ова Пендаровски има и политичка, но и законска одговорност.

ВМРО ДПМНЕ од лани во мај до сега постојано води на анкетите, и тоа помеѓу 40 и 80.000 гласови што е безбедна предност од најмалку 5 до 10 пратеници повеќе во собранието во однос на СДСМ-Беса. Но, атмосеферата на масовни заболувања и страв од епидемија кај граѓаните изборите ќе ги направи нефункционални. Многу луѓе нема да гласаат не затоа што е тоа нивни политички став и воља, туку затоа што ќе ги почитуваат мерките на владата да се одбегнува присуство на масовни собирања. Кога во кафеана не смеат да се најдат тројца на иста маса, како е дозволено и очекувано да се соберат педесет луѓе пред избирачките кутуи.

Во такви услови не може да стане збор за легалност на изборите кои, и по закон и според демократски принципи, треба да ја одразат политичката воља на граѓаните. Изборите нема да бидат резултат на вољата на граѓаните туку на поткуп на гласачите кои, на овие избори, заради малата излезност процентуално ќе ги има многу повеќе отколку порано. А пари и инструменти за поткуп, видовме и во вонредната состојба, има само СДСМ.

Очекувањата се дека ВМРО ДПМНЕ ќе победи на изборите, а и воопшто расположението во општеството особено заради корупцијата и по последната експлозија на епидемијата и губењето работни места поради одлуки на владата е – опозиционо. Но, многу е важно дали ВМРО ДПМНЕ ќе победи со четири или десет пратеници.

Ако победата биде со осум или десет пратеници, што е реален одраз на политичката воља на граѓаните, ВМРО ДПМНЕ комотно ќе состави влада при што е доволна коалиција со Алијансата на Зијадин Села. Со помал број разлика во победата ВМРО ДПМНЕ може да ја вклучи и ДУИ во коалцијата, секако без пропагандната понуда за премеир од ДУИ. Такво нешто може да се очекува само од договор помеѓу Али Ахмети и Заев кои, сега, всушност се борат меѓу себе за превласт во албанското гласачко тело бидејќи СДСМ трпи се поголема загуба на македонски гласачи.

Но, ако излезноста биде под 800.000 гласачи, и ВМРО ДПМНЕ победи со само два-три пратеници повеќе, СДСМ ќе бара формирање широка влада помеѓу сите поголеми партии. Ќе тврдат дека заради епидемијата немало реално и објективно гласање, дека тоа не е одраз на вољата на граѓаните и затоа треба да се состави привремена влада од повеќе партии со мандат од една година, до наредните локални избори, кога заедно со нив би имале и нови парламентарани избори.

Како и да е, и како и да биде, со излезност помала од 800.000 значи дека власт би имала партија која би освоила само околу 300.000 гласови а би владеела со државата иако има поддршка помала од само 20% од гласачкото тело. Тоа не е власт со авторитет и легитимитет, туку наметнат режим, и владеење со тензии и недоверба.

Епидемијата ќе има битно влијание врз излезноста и резултатите, и тој фактор е крајно неизвесен до последниот ден, но најголемо негативно влијание ќе имаат одлуките на Пендаровски за вонредна состојба која не е користена за здравјето и заштита на животите на граѓаните, туку за бизниси на партиските олигарси и предизборни поткупи кои создадоа дополнителна атмосфера на разочарување и страв кај граѓаните.

Гласачите имаат дополнителен мотив за изборите: ако се очекува втор бран на епидемија на есен, сега е клучно да се одлучат кој треба да биде власт во тој втор бран.

Извор: Вечер.мк

Коронавирус