петок, 7. мај 2021. Вести денес: 0
home Вести

Кога баба беше невеста?!

Кога баба беше невеста?!

Почитувани читатели, морам да споделам еден настан што најверојатно е преземен како метод на дипломатско дејствување и однесување на нашиот источен сосед пред Советот на Европа кога се во прашање Македонците и нивните права. Имено, во времето на аферата со Мис Стон, четите на Јане Сандански биле во постојано движење, а поради потерата или хајката што биле организирани од страна на османлиската војска. При ваквото преместување од едно место во друго, санданистите, честопати поминувале и се задржувале и во населени места и добивале помош од страна на месното население. Нашиот мудар, трпелив и намачен македонски народ знаејќи за последиците што османлиите можат да им ги направат ако ги откријат дека ги помагале четите на револуционерната организација, смислиле начин, така што ги облекувале бабите во невестинска носија и ги терале децата да си играат со нив за време на нивниот престој. Причината за ваквата досетливост била многу едноставна, откако потерата ќе пристигнела и османлиите со примена на тортура и закана нема да можеле да добијат никаков одговор од страна на возрасното население – „дали четите на Јане поминале од нивното место и кога?“, пристапувале кон испрашување на децата. А децата секогаш ја зборуваат вистината и нивниот одговор бил многу едноставен – „да четите на Јане беа тука, кога баба беше невеста?!“

Е, сега, ниту институциите на Советот на Европа не можат да се персонифицираат со османлиската војска, а најмалку бугарската држава со Јане Сандански, но однесувањето на официјална Софија за признавање на Македонците и македонските организации може да се идентификува со претходно наведениот одговор или – „да во пописот во Бугарија има лица што се изјасниле како Македонци, но тие не постојат!!!..“ Па, така, ваквата политичко-дипломатска активност на нашиот источен сосед со текот на годините го доведе во позиција да добие епитет на „несериозен ентитет“ пред меѓународните институции, кој не ги исполнува своите обврски што се однесуваат на правата на малцинствата и правото на здружување и себеидентификување.

Но да конкретизираме! Советот на Европа преку своите институции својата „загриженост“ ја преформулира во „препорака“, за на крајот да ѝ „нареди“ на Бугарија како „одговорна страна“ до јуни 2021 година да ги регистрира македонските организации. Ова е продукт на дваесетгодишната антологиска борба на Македонците каде што Република Бугарија има изгубено околу седумнаесет пресуди пред Европскиот суд за човекови права. Во ова досие клучни се шест пресуди, и тоа: ОМО „Илинден Пирин“ и други од 2006 година, ОМО „Илинден Пирин“ и други од 2012 година, ОМО „Илинден Пирин“ и други од 2018 година, Друштвото на репресирани Македонци од комунистичкиот режим од 2020 година и Македонскиот клуб за етничка толеранција од 2020 година.

Сега се поставува прашањето што може да се очекува понатаму, односно да се претпоставува во делот на извршување на овие пресуди?! Работата на Европскиот суд за човекови права формално е заокружена кога неговата пресуда е донесена по конкретна индивидуална жалба и станала правосилна. Тогаш „тужената страна“, а во случајов Бугарија, станува „одговорна страна!“ Меѓутоа, оваа ситуација во никој случај не значи и автоматско окончување или завршување на постапувањето од страна на институции на Советот на Европа, токму од овој момент започнува фактички, најважната фаза, односно извршувањето на донесените пресуди и одлуките на судот, од чија ефикасност зависи и ефикасноста на целиот систем заснован врз Европската конвенција за човекови права, а под мониторинг на Комитетот на министри на Советот на Европа.

Единствениот егзекутивен и надлежен орган на Советот на Европа за вршење мониторинг врз извршувањето на секоја пресуда донесена од страна на Европскиот суд за човекови права против која било договорна страна или држава-членка е само Комитетот на министри (кој е составен од министрите за надворешни работи на сите 47 земји-членки)! Ова е стипулирано и со посебен „правилник“ каде што е наведено дека – „главната цел на извршувањето на секоја пресуда не се состои само од парично обесштетување од страна на одговорната држава-договорна страна, туку (далеку најважното) отстранување на самата причина за сторената повреда на конвенцијата што било причина за поднесувањето на конкретната жалба пред Eвропскиот суд, со намера да се избегне појавата на повторливи (или т.н. клонирани) случаи“.

Бугарија во текот на овој период беше должна и доставуваше акциски планови и акциони извештаи што содржеа два вида мерки, односно т.н. индивидуални и општи мерки за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права до Комитетот на министри при Советот на Европа за секоја поединечна пресуда. Индивидуалните мерки беа насочени кон отстранување на последиците што Македонците ги претрпеле како последица на повредите на правото на слобода на здружување констатирано во пресудата на судот. Општите мерки се однесуваа на обврската на Бугарија да спречи идни слични повреди на конвенцијата или да го оконча континуираното повредување на конвенцијата, со законски (или дури и уставни) измени или измена на постојните практики на своите органи.

Накратко, изговорот на Бугарија во овие акциски планови беа и се – „ги плативме парите како отштета, извршната власт не може да дејствува на правосудната власт, постојат административни пречки и Уставот на Бугарија не дозволува да се организираат партии и здруженија на етничка основа“. Лукаво заборавајќи и избегнувајќи да постапи во согласност со обврската како членка на Советот на Европа и да го приспособи сопственото законодавство на општоприфатените принципи на владеење на правото и почитување на човековите права. Сѐ во духот на – „кога баба беше невеста“, исмејувајќи му се на Комитетот на министри.
Но Македонците не престанаа да се борат, па така на секое одбивање за регистрирање на македонска организација во Бугарија, тие формираа нова. Сакајќи да го запре овој процес, Бугарија го крена цензусот на 5.000 члена за формирање политичка партија. Македонците собраа 8.000 члена и повторно не беа признаени од бугарските власти. Треба да се напомене дека сите Македонци што членувале во овие организации непрекинато се повикувани во полициски станици за да им се вештачат потписите што ги имаат дадено при административните постапки за регистрација на политичките партии и здруженија, а со намера да се повлечат или да дадат изјава дека се фалсификувани овие потписи. Досега, а верувам и сум убеден, а и во иднина никој не порекнал и не се повлекол!

Врз основа на претходните извештаите на институциите на Советот на Европа (Венецијанската комисија, Комесарите за човекови права, Европската комисија против расизам и нетолеранција), како и пресудите на Европскиот суд за човекови права, Комитетот на министри во октомври минатата година одлучи дека – „нема враќање назад“ и ја донесе CM/ResDH(2020)197 Привремената резолуција за Бугарија (по оваа следува Финалната резолуција)! Комитетот во оваа резолуција наведува дека неоправдани се одбивањата на бугарските судови, во временскиот период меѓу 1999 и 2015 година, за регистрирање на здруженијата што имаат цел остварување на признавањето на „македонското малцинство во Бугарија“. Стриктно се бара од Бугарија да изврши промена во законодавството, со што на здруженијата што имаат цел остварување на „признавањето на македонското малцинство во Бугарија“ ќе им биде одобрена регистрацијата врз основа на причини што се однесуваат на целите на македонските здруженија и партии во согласност со пресудите на Европскиот суд. Рокот за исполнување на оваа обврска е 1 јуни 2021 година! Во спротивно, следува Финална резолуција и постапка за исклучување на Бугарија од членството на Советот на Европа.

П.С. За улогата на Македонија во овој процес и чекорите кон Финалната резолуција на Комитетот на министри на Советот на Европа ќе читате во наредниот број…

Колумна на Тони Менкиноски за Нова Македонија.

Најнови вести

Коронавирус