вторник, 12. ноември 2019. Вести денес: 125
home Вести

Кочанските земјоделци протестираат: Се чуствуваме изманипулирани од државата, до сега немаме добиено ниту денар

Кочанските земјоделци протестираат: Се чуствуваме изманипулирани од државата, до сега немаме добиено ниту денар

Производителите на ориз од кочанскиот регион претпладнево излегоа на двочасовен протест и со земјоделска механизација во селото Облешево ја блокираа едната коловозна лента од магистралниот пат Кочани – Штип.

На тој начин, како што рекоа, го изразуваат незадоволството што ресорното Министерство се уште не им ги исплатило парите од интервентната мерка за предадена оризова арпа.

– Се чувствуваме изманипулирани од државата, затоа што минатата година ни беше ветено дека до 30 мај годинава ќе добиеме по пет денари од килограм арпа, како дополнителна поддршка за ниските откупни цени. До денеска немаме добиено ниту денар, а новата жетва е на прагот. Брзавме да го предадеме оризот за да го запазиме рокот, а останавме и без пари и без ориз. Некои од земјоделците немаа средства да си купат ѓубре и заштитни препарати за овогодишната производна сезона. Затоа, бараме во текот на наредната недела да ни бидат исплатени парите од интервентната мерка – истакна Здравко Арсов, земјоделец од селото Облешево.

Производителтие на ориз нагласија дека денешниот протест е предупредувачки и ако не ги добијат парите, ќе следуваат поризгорозни мерки за искажување на незадоволството.

– Подготвени сме да ги блокираме и двете ленти од патот, затоа порачуваме дека е потребна брза реакција од Владата. Со оглед што наскоро ќе почне жетвата на оризот од новата реколта, очекуваме и покачување на откупните цени, односно 25 денари за килограм арпа и 50 денари за белиот ориз. Не бараме ништо повеќе од она што ни беше ветено – истакна Драгољуб Гаврилов, земјоделец од Чешиново.

Претставници на земјоделските здруженија од Кочанско неодамна имаа средба во Министерството за земјоделство, при што една од главните точки на кои се разговарало е и исплатата на интервентната поддршка. Изразија надеж дека парите ќе ги добијат навреме за да можат да се подготват за новите жетвени активности.