недела, 24. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Коалициониот партнер на Заев: Тој ја има одговорноста да не ги повредува чувствата на Македонците и да ги штити националните интереси

Коалициониот партнер на Заев: Тој ја има одговорноста да не ги повредува чувствата на Македонците и да ги штити националните интереси

Коалициониот партнер на Зоран Заев, Павле Трајанов и неговата партија Демократски сојуз потсетува дека антифашистичката борба и АСНОМ се во темелите на македонската држава и не смее да се дозволи релативизација на улогата на тогашниот фашистички режим на нашиот источен сосед.

Демократскиот сојуз ги повикува највисоките државни функционери кои преговараат со Република Бугарија за да изнајдат решение за симнување на блокадата на почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, да го почитуваат достоинството на македонскиот народ, македонскиот идентитет и јазик, вековната борба за национална слобода и да не прифаќаат решенија кои претставуваат ревизија на историските настани.

Од партијата велат дека премиерот, како и сите македонски граѓани, има право на личен став за односите со Република Бугарија и за начините на решение на спорот, но тој ја има и одговорноста тоа што го говори да не ги повредува чувствата на Македонците и да изнаоѓа решенија кои ќе ги заштитат државните и националните интереси.

-Демократскиот сојуз потсетува дека антифашистичката борба и АСНОМ се во темелите на македонската држава и не смее да се дозволи релативизација на улогата на тогашниот фашистички режим на нашиот источен сосед. Бугарија и бугарскиот народ се наши соседи и пријатели и со нив треба да градиме заедничка иднина во Европската Унија. Тие немаат ништо заедничко со фашистичкиот режим на Цар Борис и окупацијата на Македонија во текот на Втората светска војна, со обидите за денационализација и страдањето на македонскиот народ, со илјадниците жртви што паднаа во борбата за национална слобода, со депортацијата на Евреите во логорите на смртта. Но таа историска вистина не може да се фалсификува и да се избрише. Со Република Бугарија имаме потпишано Договор за добрососедство и пријателство, акт кој има законска сила и неговото почитување е предуслов за добрососедските односи, мирот и соработката меѓу двата народи и двете држави. Демократскиот сојуз нема да поддржи менување и ревизија на овој меѓудржавен договор на штета на македонските национални интереси. Во текот на повеќевековната историја на македонскиот народ има настани и личности кои не поврзуваат со Бугарија и со бугарскиот народ и тоа треба да биде основа за идното заедништво и надминување на недоразбирањата, се наведува во соопштението на ДС.

Демократскиот сојуз смета дека членството во Европската Унија е од највисок приоритет за РС Македонија, но услов за тоа не смее да биде грубото газење врз европските принципи и вредности, меѓу кои клучна е антифашистичката борба на европските народи, во која македонскиот народ имаше своја славна улога.

Коронавирус