петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 117
home Вести

Клиниката за гинекологија објави детали за смртноста кај новороденчињата

Изминативе три месеци на ГАК починале 35 бебиња, од кои 10 се родени од 22-25 гестациска недела, екстремно незрели и неподготвени за живот во надворешната средина.
Клиниката за гинекологија објави детали за смртноста кај новороденчињата

Клиниката за гинекологија тврди дека нема смртност на доносени деца, туку само на предвремено родени, од 22 до 36 гестациска недела.

Изминативе три месеци на ГАК починале 35 бебиња, од кои 10 се родени од 22-25 гестациска недела, екстремно незрели и неподготвени за живот во надворешната средина.

Со статистиката која се води, дури и подоцнежни абортуси се вбројуваат во мртвородени.

Ова беше истакнато на денешниот брифинг со новинарите кој го повика директорката Викторија Јовановска.

– Станува збор за екстремно незрели плодови за кои постои етичка дилема дали воопшто да се анимираат. Нивните органи (бубрези, црн дроб, крвен систем, мозок) се незрели, а немаат и никаква одбрана од инфекции, напомена Јовановска.

Успех со вакви бебиња, потенцира, нема ниту една земја во светот.

Примариус д-р Љиља Којиќ објасни дека, согласно американските искуства преживувањето на бебиња од 25 недела нагоре е 75 проценти, но оние стари до 24 недела воопшто не се третираат, ниту за нив се прашани родителите во врска со евентуално реанимирање.

– Кај нас нема законска можност за тоа, односно се што е живо мора да се анимира и со него да се постапува како да е плод од 40 гестациски недели иако бебињата под 24 недела немаат никакви адаптациски способности за надворешната средина, ниту постои инкубатор што може да ги одржи во живот, подвлече Којиќ.

Од 1990 година до ноември 2017 на Детската клиника преживеале само четири бебиња стари 25 недели и длабоко навлезени во 26 недела.

– Секогаш се обидуваме и правиме се што можеме за да преживее и помало бебе, но не сме успеале со оние под 25 недела, истакна Којиќ.

Според  д-р Горан Кочовски, инфекциите се најчести причини за предвремено породување. Статистиката во светски рамки покажува дека број еден ризици се зголемениот крвен притисок, како и вродените аномалии на матката кај мајките.

Од Гинекологија  информираа дека се изготвува Клиничко упатство за рано откривање на ризична бременост, но со упатството нема да бидат опфатени предвремените породувања.

Беше најавено и дека ќе се бара симнување на границата, па за смртност на бебиња да се пресметува само за над 25-та гестациска недела, а не од 22-ра како што е сега.

 

 

Коронавирус