среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 36
home Вести

Климовски: Референдумското прашање мора да биде еднозначно и да се однесува на Договорот со Грција

Климовски: Референдумското прашање мора да биде еднозначно и да се однесува на Договорот со Грција

Универзитетскиот професор Александар Климовски во телефонска изјава за Курир вели дека Законот јасно и прецизно не дозволува двомислени прашања.

Појаснува дека прашањето мора да биде еднозначно и да се однесува само на една тема, а тоа во овој случај треба да се однесува на темата за Договорот со Грција.

-Поврзувањето на прашањето во врска со членство во одредени организации како што е НАТО и Европска унија не доаѓа предвид преку прифаќањето или спротивставувањето на Договорот со Грција. Така што, прашањето мора да биде поврзано со тоа дали сте за или сте против прифаќање на Договорот со Грција, вели Климовски за Курир.

Истакна дека законот за референдум предвидува формални услови за одржување на референдумот, кои што се од императивен карактер.

-Тие се однесуваат на цензусот од најмалку мнозинство граѓани кои што треба да се изјаснат за референдумското прашање. Во таа смисла бројките би се движеле – 50 проценти плус 1 од запишаните гласачи во Избирачкиот список. Тоа во превод би значело дека ако се земат бројките од последните локални избори, некаде околу 910 – 920 илјади граѓани кои треба да излезат и да гласаат на референдум, дали ќе биде „За“ или „Против“ не е важно. Но, ако се исполни тој услов, вториот услов е да гласаат мнозинството од толкавиот број излезени граѓани. Значи, треба да излезат 920.000, од кои „За“ треба да гласаат половина плус 1 од тој број, односно околу 460.000 граѓани, појаснува Климовски.

Вели дека ова се формалните правила кои мора да се почитуваат за референдумот да биде легален, во спротивно, рече Климовски, би било легитимно опозицијата да не ги прифати резултатите од референдумот.

Тој посочува дека референдумското прашање не треба да се поврзува со членувањето на државата во НАТО, појаснувајќи дека Собранието на Република Македонија на 23.12.2013 година донела одлука за стапување во Алијансата.

-Ние, намерата како држава да одиме во тој правец сме ја детерминирале уште пред 25 години. Нема што сега да се одлучуваме дали сме „за“ или „против“ НАТО. Меѓутоа, овде референдумското прашање е скриктно и прецизно за Договорот со Грција, рече Климовски.

Во однос на тоа дали граѓаните треба да гласаат на референдумот или да го бојкотираат, професорот вели дека тоа е лично право на граѓаните, додавајќи дека власта не смее никого да присили да излезе на гласање или да го бојкотира референдумот.

Коронавирус