понеделник, 2. август 2021. Вести денес: 57
home Вести

Ќерката на Душко Лазаров: Второстепените судии имаат можност да ја исправат неправдата на Кацарска и да ослободат невин човек што е зад решетки

Ќерката на Душко Лазаров: Второстепените судии имаат можност да ја исправат неправдата на Кацарска и да ослободат невин човек што е зад решетки

Душко Лазаров од 1992 e вработен во МВР. Дваесет и седум години горд со полициската униформа, ги поминал сите скалила во полицијата и добивал унапредувања врз основа на неговите постигнати резултати. Две години пред да замине во пензија, тој наместо пензиониран началник, го доби епитетот обвинет, а подоцна и неправосилно осуден на затвор од дури 15 години.

На 15 март минатата година судијката Добрила Кацарска, која ја водеше постапката и им судеше на вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување, донесе пресуда, им изрече вкупно 211 години затвор на обвинетите. Меѓу оние првите беше и Лазаров, човекот на когошто службениот пиштол му го заменија со лисици на рацете.

Сега најсилно оружје, вели неговото семејство, му е вистината.

Петнаесет лица пред изрекувањето на пресудата беа помилувани и ослободени со Законот за амнестија, но Душко Лазаров не беше меѓу нив, затоа што не побара амнестија. За оние што останаа постапката продолжи, а Лазаров остана на листата на обвинети и една година по почнувањето на оваа судска постапка доби казна затвор од 15 години.

Кратко пред пресудата, Лазаров во судница рече: „Ќе ја докажам својата невиност и немам намера да бегам“.

Овој став не го променил до денес. По една година од пресудата и по речиси две години поминати зад решетки во Истражниот затвор во Шутка, не го напушта надежта дека ќе ја докаже невиноста.

Ставот на неправосилно осудениот Лазаров го дели и неговото семејство, но велат, не затоа што им е татко и сопруг, туку затоа што навистина до последен ден останал професионалец во својата работа, а уште повеќе бидејќи доказите со кои Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го гонеше, а судијката Кацарска го осуди, не докажуваат дека Лазаров го загрозил уставниот поредок на државата. Тие велат емоциите се едно и во судските постапки се оставаат на страна, но доказите се нешто сосема друго, тие се темел со кој, велат, ќе докажат дека Лазаров не сторил кривично дело, па макар и во Стразбур.

Ќерката на Лазаров, Марија Лазарова, која е дипломиран правник, за МКД.мк вели дека тие како семејство на обвинетиот Лазаров имале морална обврска да поднесат жалба на првостепената пресуда бидејќи нивниот татко и сопруг е осуден без да има никаква вина и без никакви докази.

Високата затворска казна семејството Лазарови ја споредува со казната од 3 години за убиството на момчето од Ново Лисиче, која беше донесена деновиве и за која имаше протести.

„Душко Лазаров е осуден на казна затвор во траење од 15 години, казна што во голем број случаи не е изречена дури ни за некој што извршил кривично дело убиство, за што сме сведоци овие денови. Првостепената пресуда, која беше донесена по одржувањето маратонски судски рочишта, какви што досега не памети македонското правосудство, под притисок на јавноста и очигледно мешање на политиката со донесувањето на Законот за амнестија, ја оспоривме по сите основи. Имено, со првостепената пресуда се направени суштествени повреди на кривичната постапка, од причина што таа не е јасна и е противречна на самата себе. Така, јас и останатите членови на сeмејството, иако сите сме дипломирани правници, од образложението на пресудата, кое е повеќе од обемно, не сфативме и не разбравме зошто нашиот татко и сопруг е осуден на казна затвор од 15 години“, вели Марија Лазарова.

Ќерката на Лазаров појаснува дека од првостепениот суд очекувале пресуда со факти и аргументи засновани на доказите изведени на главната расправа, но за жал образложението на писмено подготвената првостепена пресуда не е такво.

„Првостепениот суд во изреката на пресудата наведува дека обвинетиот Душко Лазаров постапил спротивно на членот 20 од Упатството за златна, сребрена и бронзена команда, но затоа пак во образложението на пресудата нема да најдете ниту една реченица со која судот објаснува на кој начин и со кое дејство Душко Лазаров постапил спротивно на овој член. Судот во пресудата не наведува ниту што бил должен да преземе, од кои докази се утврдува неговата евентуална должност за преземање мерки и дејства, кои мерки и дејства, дали и каде е предвидена каква било должност на обвинетиот Душко Лазаров за преземање мерки и дејства во конкретниот случај. Одговор на овие прашања првостепената пресуда не дава, па поради тоа е нејасна, противречна, необразложена, непотполна или кратко кажано се работи за незаконита судска одлука. Не случајно судот не го образложува членот 20 од Упатството. Тоа е така затоа што кога овој член би бил елабориран, несомнено би се утврдило дека обвинетиот Душко Лазаров не е тој што постапил спротивно на него, а дека лицата што биле должни да постапуваат по овој член во оваа судска постапка беа викнати замислете само како сведоци“, појаснува Лазарова.

Во изреката на пресудата се наведува дека обвинетиот Душко Лазаров кривичното дело го извршил како дежурен во Оперативниот штаб, ама и за ова во пресудата нема ама баш никакво образложение од кои докази судот го утврдил ова негово својство, а тоа е така затоа што таков доказ нема.

Ќерката на началникот во МВР вели дека согласно со Записникот за работа на Оперативниот штаб, кој беше изведен како доказ, во штабот постојано требало да бидат присутни најмалку 8 претставници од различни организациони единици.

„Значи не било предвидено да има дежурен, туку задолжително требало да присуствуваат најмалку 8 претставници од различни организациони единици, кои тој ден не присуствувале, а причините поради кои тие не присуствувале за жал во оваа постапка не се утврдуваа. Она што требало да утврди првостепениот суд, а не утврдил, е дека обвинетиот Душко Лазаров тој ден бил само советник во Оперативната канцеларија, кој немал овластување да издава каква било наредба, што на јавната седница пред Апелациониот суд го потврди и вишиот јавен обвинител, па затоа оваа пресуда мора да биде укината. Со читање на оваа пресуда се соочивме со уште еден поголем апсурд, бидејќи утврдивме дека образложението е контрадикторно на изреката, затоа што од доказите изведени на главната расправа така како што се образлагаат во пресудата не се утврдува дека обвинетиот Душко Лазаров бил овластен да издава никаква наредба, ниту пак да одобри каква било наредба. Судот во образложението на првостепената пресуда не ги разработува сите релевантни одредби од Упатството за златна, сребрена и бронзена команда согласно кои требало да се постапува критичниот ден. Доколку судот ги анализирал сите релевантни одредби од ова Упатство, ќе можел да донесе правилен заклучок дека наредби можеле да издаваат само златниот, сребрениот и бронзениот командир, а од останатите докази да ги утврди нивните имиња и презимиња, помеѓу кои ги нема името и презимето на Душко Лазаров“, вели Лазарова.

Во една ваква неоспорна ситуација, кога носителите на командите се определени по име и презиме, зачудува фактот дека судот може да го осуди овој обвинет на 15 години затвор поради неиздавање наредба, кога тој воопшто не спаѓа во синџирот на командување.

„За апсурдот да биде уште поголем, во образложението на првостепената пресуда судот цитира и изјави на сведоци за кои во ниту еден момент не наведува дека не им поклонил верба, а кои сведоци недвосмислено изјавија дека обвинетиот Душко Лазаров немал овластување да издава наредби. Од сето ова што досега го наведов, произлегува и дека судот погрешно ја утврдил фактичката состојба. Кога станува збор за погрешно утврдената фактичка состојба како една од направените повреди, пред сè сакам да се осврнам на изјавите на сведоците Агим Нухиу и Сашо Трпевски, кои наводно од обвинетиот Душко Лазаров барале тој како советник да издаде наредба за евакуација на пратениците, изјави што се во спротивност со изведените материјални докази и со изјавите на сите други сведоци. Така, сведокот Агим Нухиу, кога станува збор за него, многу добро знае дека командата е една и единствена бидејќи како што кажа бил советуван од неговите советници да внимава дека командата е една и единствена и дека нема пренесување на овластувањето за командување, што очигледно намерно го заборава кога говори за обвинетиот Душко Лазаров. Замислете, тој како министер, кој е највисоко поставен во хиерархијата на МВР, кажува дека и тој требало да го почитува воспоставениот систем на командување со Упатството за златна, сребрена и бронзена команда, ама обвинетиот Душко Лазаров, кој е советник и најмалку 10 скалила под него, немало потреба да го почитува ова Упатство. Ете на ваков сведок не треба да му се подари верба, а уште помалку еден суд да го прогласи обвинетиот Душко Лазаров за виновен и да го осуди на казна затвор од 15 години, иако сите други материјални и вербални докази го зборуваат спротивното“, појаснува Лазарова.

Целиот текст прочитајте го на mkd.mk

Коронавирус