понеделник, 10. август 2020. Вести денес: 6
home Вести

Ќе сведочат ли Заеви на судењето за случајот „Меѓународен сојуз“?

Ќе сведочат ли Заеви на судењето за случајот „Меѓународен сојуз“?

Зоран Заев, лидерот на СДСМ, неговата сопруга Зорица, неговиот брат Вице и неговиот татко Трајче, се предложени за сведоци на судењето за случајот „Меѓународен сојуз“, од страна на бранителот на обвинетите Бојан Јовановски, Христина Блажевска и Миле Јовановски, дознава Плусинфо. Заеви треба да сведочат за „околности побрзани со диспозитивот на обвинителниот акт“.

Судејќи според листата на докази што ја предложил бранителот, а особено според делот во кој се предлагаат сведоци за сослушување, се чини дека Бојан Јовановски решил да постапи поинаку одошто на судењето за случајот „Рекет“, на кое веќе падна првостепена пресуда. Овој пат Јовановски најавува гранде судење, а листата на предложени сведоци тоа најдобро го покажува.

Така, освен членовите на семејството Заеви, на листата се и техничкиот премиер Оливер Спасовски, министрите Мила Царовска и Горан Сугаревски, портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, градоначалниците Петре Шилегов (Скопје), Стефан Богоев (Карпош), Наташа Петровска (Битола) и Анго Ангов (Дојран), а неизбежен е и партискиот кадар Александар Кирацовски.

Од раководните луѓе на институциите, на списокот на сведоци што сака да ги сослуша одбраната се директорката на УЈП Сања Лукаревска и Арафат Муареми, директорот на Управата за финансиска полиција. Бранителот на Јовановски сака да ги види на клупата за сведоци и бизнисмените Силјан Мицевски од Битола и Адријан Амзоски од Струга. Од универзитетот ФОН на списокот се Сефер Цановски и Нано Ружин.

Од новинарите од поранешната 1 ТВ на листата на сведоци е само уредникот Ацо Кабранов, но Јовановски би сакал да сведочи и Александар Димковски, главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“. Прв на списокот сведоци е бизнисменот Јордан Камчев, а последна е познатата авторка на текстови на поп нумери Марина Туцаковиќ од Белград.

Во однос на материјалните докази, одбраната на Јовановски инсистира да се вештачат телефонските апарати што му се одземени. Тие телефони се наоѓаат во Основното јавно обвинителството за гонење на организирал криминал и корупција во Скопје. Одбраната бара форензичари да ги симнат сите остварени комуникации на Бојан Јовановски од 2016 година до неговото приведување лани на 15 јули. На листата на предложени докази се извештаите за анализа на телефонските апарати на обвинетиот Јовановски во предметот „Рекет“.

Покрај содржината на комуникациите од телефоните на Јовановски, одбраната предлага како докази да се изведат и сите писмени договори на невладината организација Меѓународен сојуз, како и други писмени документи.

На првото рочиште, како што е познато, Бојан Јовановски побара да биде изземена обвинителката Вилма Русковска. Меѓу другите причини, обвинетиот наведе дека обвинителката Русковска од него барала лажно да сведочи, како Зоран Милески Кичеец во случајот „Рекет“, со цел да ја обвини Фросина Ременски за вмешаност во овој случај.

Дека Бојан Јовановски го подига влогот во оваа тешка и опасна игра се виде и од најавата дека најмалку 30 луѓе ќе бидат предмет на предистражни дејствија на скопското јавно обвинителство, откако Јовановски продолжи да ги образожува наводите од кривичните пријави што почна да ги поднесува минатата недела. Неговиот адвокат Сашко Дуковски не соопшти против кои луѓе Јовановски поднесува кривични пријави. Неофицијално, станува збор за актуелни и поранешни функционери, но и бизнисмени. Пријавите се однесуваат на кривичните дела измама, изнуда, злоупотреба на службена положба, давање лажен исказ, противзаконито влијание, но и за несовесно лекување и нехуман и нечовечки однос.

Поради сериозноста на наводите што ги изнесувал пред обвинителот, Јовановски побара мониторинг од најрелевантните меѓународни институции за заштита на човековите права и од странските амбасади во Македонија.

Коронавирус