Работиме на намалувањето на цената на зелениот картон за осигурување на возилата при патување во странство, најави вчера премиерот Зоран Заев, на граѓанската трибина „На прав пат“ во Куманово.
Тој додаде дека за намалувањето на цената на зелениот картон на ниво на земјите во регионот се преговара со осигурителните компании, како и за сè она што претставува трошок во зелениот картон.
– Сакаме да го намалиме зелениот картон, сакаме да ги поедноставиме патарините, што се плаќаат за патишта, сакаме да ја рационализираме и поедноставиме регистрацијата на возилата и со тоа да им заштедиме на граѓаните од трошоците, да им вратиме пари назад на граѓаните, порача тој.
Зелениот картон за една година за возила до 66 киловати сега чини околу 60 евра, а за возила над 66 киловати е 90 евра. Во 2016 е воведен и едномесечен зелен картон кој за патнички возила до 66 киловати чини 30 евра, додека неговата цена за возилата над 66 киловати е 50 евра.