вторник, 10. декември 2019. Вести денес: 136
home Вести

Ќе има нов бран огласи за административци пред распишувањето на избори

Ќе има нов бран огласи за административци пред распишувањето на избори

Нов бран вработувања во администрацијата се очекува до крајот на месецов, дознава ТВ 24 од владини извори. Нивните извори потврдуваат дека предпразничните огласи во кои над 30 институции отворија огласи за над 300 работни места, се само почеток на бранот кој треба да се финализира до февруари. Институциите на ангро ќе се полнат за да се избегне мртвиот период по распишувањето на претседателските избори на 3 февруари, кога законски се забранети вработувањата до изборот на новиот шеф на државата.

Бројката колку нови вработувања ќе се реализирата во овој период зесега никој не ја открива. Велат само дека многу институции веќе испратиле барање за согласност до Министерството за финансии. Од финансии пак тврдат дека не водат таква статистика. Нивната обврска е да проверат дали има пари за тоа работно место и да одобрат или не. Бранот претпразнични огласи за вработување ја дигна експертската јавност – разочарани се дека продолжува праксата на предизборно полнење на администрацијата.

„Нема ништо од обидот да почнат со работа тие што по рамковен примаат плата, а се на привремена работа во странство, како што нема ништо ни од трансферот на „прекубројните“ кадри од администрацијата во приватниот сектор, на сето тоа згора нема ни Антикорупциска, што значи дека сме во зона во која не владее ниту правото, ниту економската логика мотивирана од пазарни принципи, заради што и натаму ќе се вдомуваат партиски послушници како дел од коалициониот договор за взаемна љубов на грбот на граѓаните“- вели Воислав Зафировски, поранешен антикорупционер, пренесува ТВ 24.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак ја обвини власта дека пред избори купува гласови, преку вработување на партиски послушници. Овие огласи пак според премиерот Заев се пополнување на веќе испразнети места. Заев вчера тврдеше дека нема нови вработувања ниту предвидени пари од буџет за тоа. На списокот на веќе објавените огласи се отворени нови работни места во владини институции, министерства, агенции, дирекции, општини. Се бараат од раководители и советници, до возачи и кафекувари за плати од 15 до 35.000 денари. Најплатен е советникот кој го бара Фондот за осигурување на депозити со 43.500 денари. Министерство за транспорт вработува 40 лица, МНР 27, Дирекција на ТИРЗ 13, Агенција за вработување 27.Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски предновогодишно најави дека ќе се прави функционална анализа дали има вишок вработени во државниот апарат. Годинава од буџетот е предвидено да се потрошат над 460 милион евра само за плати и надоместоци на административците.