сабота, 10. април 2021. Вести денес: 89
home Вести

„Кенија, Руанда, Судан, Гамбија и Сенегал вчера набавија 2.5 милиони вакцини, фијаско на Заев и Филипче“

„Кенија, Руанда, Судан, Гамбија и Сенегал вчера набавија 2.5 милиони вакцини, фијаско на Заев и Филипче“

Во Македонија се умира како никогаш, никогаш до сега. Три илјади и сто граѓани на Македонија со своите животи ја платија неспособноста на Владата на Зоран Заев и Венко Филипче, обвини на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев.

-Со набавката на вакцини се случува дебакл и фијаско. За една година, за една цела година колку што имаа можност да нарачаат и да набават вакцини, тие само добија една кутија милостина со просење, и ништо повеќе, рече Ѓорчев.

Ќе ви прочитам неколку примери од земји кои што вчера добија огромни количини на вакцини. Еве ги примерите: Вчера Кенија доби еден милион вакцини од „АстраЗенека“, Руанда 340.000 вакцини, Судан 800.000, Гамбија 36.000 вакцини, Сенегал 324.000 вакцини. Пред неколку дена Молдавија доби 21.000 вакцини од ЕУ.

Владата на Зоран Заев и Венко Филипче не доби ништо. Одговорноста е голема, одговорноста ја плаќаат граѓаните со животи. Секој ден во Македонија се умира, а веќе имаме и ситуација каде што 10-15 животи дневно, 10-15 човечки души, 10-15 семејства веќе речиси и да не се вест за Зоран Заев и неговите министри. Тоа е неподнослива леснотија на умирањето, посочи Ѓорчев.

Од тие причини веднаш и час поскоро треба да си поднесат оставка. Ова што се случува со вакцините во Македонија, со немањето на имунизација е катастрофа, дебакл и фијаско кое што секој ден граѓаните на Македонија го плаќаат со изгубени животи, истагна Ѓорчев.

Коронавирус