вторник, 17. јули 2018. Вести денес: 0
home Вести

Каракачанов: Бугарија нема проблем со предлогот „Република Илинденска Македонија“

Каракачанов: Бугарија нема проблем со предлогот „Република Илинденска Македонија“

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов денеска изјави дека за неговата земја нема проблем една од варијантите за ново име на Република Македонија да биде „Република Илинденска Македонија“.

– Нам не ни пречи. На 1 август минатата година потпишавме договор со кој се обврзуваме заедно да ги славиме заедничките празници. Илинден е денот на најголемото востание. Мислам дека ние немаме проблеми со името. За нас е важно кога станува збор за меѓусебните односи да ја нема практиката што ја имаше досега, а тоа е да се краде историјата, да се менува и фалсификува, рече тој по завршување на обуката на делови од специјалните сили на Македонија и Бугарија во реонот Станке Лисичково.

Прашањето за името, вели, е нешто што треба да го решат Македонија и Грција. Ние, потенцира Каракачанов, само се обидуваме да го помогнеме тој процес, за да се решат проблемите на Балаканот.

– Ако двете земји се договорат за името „Илинденска Македонија“ за нас нема никакви проблеми, рече Каракачанов додавајќи дека е умерен оптимист по тоа прашање.