среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 17
home Вести

Какви хипотеки има Заев кон СЈО: За 12 илјади евра бараше оставки од ДИК, а сега ги правда обвинителите за стотици илјади евра

Какви хипотеки има Заев кон СЈО: За 12 илјади евра бараше оставки од ДИК, а сега ги правда обвинителите за стотици илјади евра

Откако во јавноста се обелодени аферата КЕШ граѓаните останаа запрепастени од бонусите кои ги добивале обвинителите вработени во СЈО, за кои со точни бројки КУРИР објави вчера.

И покрај бурните реакции во јавноста на многуте граѓани, новинари, аналитичари и политичари за високите надоместоци кои ги добивале во СЈО вчера премиерот Заев изјави дека нема да дозволи да се наруши дигнитетот на СЈО заради поединечна одговорност.

-Нема да дозволам нарушување на дигнитетот на институциите на системот, без разлика дали некој поединец го нарушил угледот на одредена институција и од тука да се извлекуваат еднакви заклучоци за целта, капацитетите и сите обвинители, истакна вчера Заев на поставено пратеничко прашање.

-Исплаќања од 1000 евра,  од 1.500 евра не смее да биде некоја не знам каква драма. Премиерот зема 84.000 денари плата,  пратениците земаат 100.000 денари заедно со трошоците, кога ќе пресметате тоа се 18.000 евра годишно. За четири годни се 75.000 евра и од тука ќе извлекувате драма. Таму се вработени стручни служби. Таму се 10 специјални јавни обвинители кои ги ставиле главите под ризик. До ден денес нема пресуди затоа што заробеното сваровски судство е останато какво што е со огромни исклучоци на чесни судии. Истото тоа се случува и во ЈО.И од тука да влечете заклучоци дека злоупотребите во изборите не постоеја, тоа е монтирано,креирано, монтирано, појасни Заев.

Со оваа изјава на Заев во јавноста веднаш се постави и прашањето чии интереси штити тој во врска со СЈО.

За потсетување на јавноста премиерот и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска пред само две години во 2017 година бараа оставки од членовите на ДИК бидејќи по изборите сами себе се наградиле со бонус од по четири нивни плати.

Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев во 2017 година ја поздрави одлуката на членовите на ДИК да ги вратат парите од бонусите, заради критиките на јавноста, како и оставките на дел од нив оценувајќи ги како морален чин.

-Се работи за исклучителни професионалци кои имаа сериозна улога во едно сериозно време и ја завршија професионално. Одлуката што ја донесоа знам дека е законска, но веројатно е неетичка и неморална. Јас го поздравувам чинот што го поднесоа сите, а тоа е враќање на парите назад во буџетот, а истовремено поднесоа и лична одговорност како морален чекор, веројатно заради критиките на јавноста, рече Заев.

Во тој период со став за делењето високи бонуси се јави и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.

-Оставките на претседателот на ДИК Александар Чичаковски и на членовите предложени од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, се порака која Владата сака да ја испрати до јавноста дека прифаќа критики и оти нема да практикува неодговорно однесување, изјави Шеќеринска.

Според неа, важно е сите избрани функционери во Владата да станат свесни дека нашето однесување и одлуки се на тест на јавноста и дека секој од нас мора да може да ја одбрани одлуката ако постои основа за тоа. За погрешно донесени одлуки во ова насока Владата ќе влече потези и ќе покаже дека не сме исти, рече Шеќеринска.

Со споредба на овие изјави на Заев и Шеќеринска како и вчерашната изјава на Заев се јавува сомнеж во јавноста за придобивките кои ги има власта од постоењето на СЈО иако ситуацијата таму сите добро ја знаат.

И додека адвокати, аналитичари и политичари преку дебатни емисии веќе со денови бараат оставки и суспензии на сите вработени во СЈО кои земале бонуси, граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека Заев на овој начин со прикривање и оправдување на бонусите ја корумпирал правдата во Македонија.

Коронавирус