недела, 17. ноември 2019. Вести денес: 33
home Вести

Каква влада предвидува „Пржинскиот договор“

Каква влада предвидува „Пржинскиот договор“

Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција најави организирање на брзи предвремени избори кои би се оддржале што е можно побргу но не прецизирајќи кога би се распишале и дали ќе си поднесе оставка како што се предвидува во измените во изборниот закон, односно како што се предвидува во „Пржинскиот модел“.

Примената на овој модел пред сите избори беше договорена на 23 јули годинава во Клубот на пратеници, на лидерска средба помеѓу четирите најголеми политички партии. Собранието по два дена ги изгласа овие измени со 99 гласа „за“. Овој модел за прв пат беше применет пред последните парламентарни избори, кога технички премиер беше Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ, која тогаш беше во опозиција меѓудругото доби министри во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.

Измените на Законот за влада, во кои е вграден „Пржинскиот модел“ предвидуваат 100 дена пред денот на одржување на избори за пратеници во Собранието, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија да избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство.

Предвидено е и да се избере нов министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика на предлог на опозицијата со најголем број на пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Оваа „пржинска влада“ предвидува и дополнителни заменици министри за надворешни работи и на труд и социјална политика предложени од владејачката партија. На предлог на опозицијата ќе има дополнителни заменици министри за финансии, за земјоделство и за информатичко општество.