Сенатот на УКИМ како едно од трите највисоки органи на најстариот и најголемиот универзитет во Македонија целосно ја демаскира новата т.н. реформа на министерството за образование и наука за основно образование.
Имено, поради барањето на министерството и Царовска до 20 јануари да се пратат забелешките, Сенатот на УКИМ одржа итна седница на која детално го анализираше Концептот и врз основа на тие забелешки даде препорака да не се избрзува и да не се започнува со имплементација. Сенатот ја нагласува потребата од најпрво воведување како пилот-проект, но дури откако ќе се прилагоди со забелешките на сите засегнати страни.
Но тоа што е најважно, во Заклучоците на Сенатот препознаено е избрзаното носење на Концептот за основно образование, без детална анализа, без мислење на образовните институции, но и без план и претходна подготовка.
Тоа што Сенатот на УКИМ го увиде дека во Концептот постојат делови кои се некритички препишани и невешто преведени од референтните користени документи и системи, а одредени изрази се невешто преведени и не соодветствуваат на нашиот јазик.
Концептот нема финансиска конструкција, а нема ниту претходно анализи и истражувања кои ја оправдуваат реформата во овој модел каква што ја предвидува министерството за образование и наука. Понатаму Сенатот забележува дека овој модел не е тестиран, наставниците не се обучени за таква настава каква што предвидува, но и дека не е усогласен според нашиот систем и сите компетентни субјекти вклучени во процесите на основното образование.
Токму затоа препораката за Царовска и министерството од Сенатот на УКИМ е дека секоја реформа мора да ги има предвид постојните и традиционални воспитно-образовни модели и програми без нивно негирање и девалвирање.
Понатаму се забележува дека интегрирањето односно спојувањето на предмети е недоследно со отсуство на полно единство во поврзувањето и дека таквиот пристап на учениците нема да им даде солидна основа за понатамошниот тек на образование. Токму затоа и не се препорачува спојување на физика, хемија и биологија, ниту пак музичко со ликовно образование заради нивната комплетно различна природа и различните вештини кои треба да се совладаат.
Во однос на историјата Сенатот ја препозна идејата за негово укинување, па затоа ја потенцира неговата важност како предмет кој е од исклучителна општествена важност и треба да остане како самостоен предмет.
Покрај тоа се забележува дека ниту наставниците се соодветно обучени, ниту пак училиштата се подготвени и опремени и се нагласува потребата дека за секоја реформа неопходна е обука од страна на лица со најмалку десет годишно искуство во областа.
Бидејќи Концептот се носи набрзина без да се земат предвид импликациите, се бара итно преиспитување и широка дебата како и детализирање на ваков тип на реформа.
Според Сенатот на УКИМ за ваква реформа потребен е широк општествен консензус, кој ќе ги вклучи сите влијателни општествени фактори, конкретно дефинирање на компетенциите на учениците што треба да ги постигнат и усогласување со секоја засегната страна во образовниот процес, нешто што во моментов го нема.
За крај потенцираат дека секоја една реформа мора да ги има предвид општествено-културниот, економскиот и образовниот контекст на нашата држава и истите мора да бидат согласни на нашите потреби и можности.