среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 184
home Вести

Каде исчезна вицепремиерката Мила Царовска?

Каде исчезна вицепремиерката Мила Царовска?

Каде е Мила Царовска? Дали вицепремиерката активно учествува во донесувањето мерки за помош на граѓаните и стопанството? Оваа дилема е отворена веќе подолг период откако главниот координатор за економските политики во Владата буквално како да пропадна во земја по кулминацијата на коронакризата. Мила Царовска речиси и да ја нема во јавноста. Освен неколку гостувања по медиуми, детално не ги образложила мерките на прес конференција уште од 18-ти март при презентацијата на првиот сет мерки. Беше присутна и на презентацијата на вториот сет мерки на 31-ви март, но тогаш зборуваше единствено техничкиот премиер Оливер Спасовски. Оттогаш вицепремиерката ја нема.

Експертите коментираат дека од поединечните прес конференции се добива впечаток дека министрите не се синхронизирани меѓу себе. Откако Владата ги зголеми акцизите на нафтените деривати, аналитичарите се кренаа на нозе. Мерката наместо да ја презентира економскиот тим на Владата, ја соопшти портпаролот Муамет Хоџа кој ретко држи сам прес конференции и најчесто, пред коронакризата, известуваше за заклучоците од редовните владини седници.

Најголеми критики на социјалните мрежи се упатија токму кон Вицепремиерката за економски прашања. Аналитичарите негодуваат затоа што Царовска ја нема толку често, за разлика од нејзиниот претходник Кочо Анѓушев кој редовно се појавуваше и детално објаснуваше за најразлични теми од областа на економијата.

Критики има и кон министерката за финансии Нина Ангеловска. Таа завчера се одважи да ја објасни новата кредитна линија бескаматни кредити преку Развојната банка, а минатиот викенд имаше прес конференција со министерот за земјоделство, но во деновите помеѓу не се појави да го образложи зголемувањето на акцизите на горивата.

По порастот на акцизите за 3 денари во вторникот, веќе истиот ден поскапеа нафтените деривати во земјава. Незадоволните превозници, дистрибутери, транспортери најавија протест. Од асоцијацијата „Макамтранс“ објаснуваат дека поради воведените мерки, нема да има собирање во групи, туку една огромна колона камиони, влекачи, комбиња, автобуси ќе се движат по одредена маршута низ патиштата со натпис ПРОТЕСТ и како една целина ќе застанат пред Владата. Протестот е закажан за во вторник напладне.

Извор: Алфа

Коронавирус