сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 87
home Вести

Кацарска ја заврши работата, сега на ред е да си ја земе „наградата“?!

Кацарска ја заврши работата, сега на ред е да си ја земе „наградата“?!

Дванаесет членови на Судскиот совет, во вторник треба да утврдат предлог за нов уставен судија откако на судијата Владимир Стојановски му истече мандатот.

Ова е официјално најавено како втора точка од дневниот ред на веб-страницата на Судскиот совет. Предлогот што ќе биде усвоен на Советот треба да помине на пленарна седница во Собранието.

Иако предлозите за новиот уставен судија ќе бидат познати на денот на седницата, досега праксата покажала дека без претходен консензус меѓу членовите утврден на координација, точката не би била ставена на дневен ред.

БИРН дознава дека едно од имињата што се споменуваат како најсериозни за таа позиција е судијката Добрила Кацарска. Таа има долг судиски стаж, над 30 години. Била претседателка на Кривичниот суд во Скопје, а моментално суди во одделот за предмети од организиран криминал и корупција.

Кацарска е судијката што ги осуди екс премиерот Никола Груевски, екс министерката Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски во предметот „Тенк“, како и обвинетите за крвавиот четврток. Тогаш наметна сконцентрирана динамика на судења, во кои рочиштата се одржуваа често и траеја до доцна во ноќта.

Беше судија и во предметот „Триста“ на СЈО, како и во советот што го судеше предметот „Поткуп“, во кој обвинет беше Зоран Заев до преквалификацијата на обвинението.

Во игра се уште неколку имиња што би можеле да бидат предложени, но извори на БИРН велат дека консензусот за идниот уставен судија е обезбеден.

Судскиот совет предлага двајца судии за Уставниот суд, за чие усвојување треба двотретинско мнозинство во Собранието. Ако ниту еден од предложените не го добие потребното мнозинство, постапката за предлагање кандидати се повторува.

Догодина, мандатот им истекува уште на тројца уставни судии: Eлена Гошева, Никола Ивановски и Јован Јосифовски.

извор: prizma.mk

Коронавирус