петок, 4. декември 2020. Вести денес: 26
home Вести

ЈП Службен весник одбележува 75 години

ЈП Службен весник одбележува 75 години

Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ седум и пол децении ја негува традицијата да издава службено гласило, која започна на 18 февруари 1945 година, откога Президиумот на АСНОМ донесе одлука за издавање „Службен лист на федералната единица Македонија“ и до денес е значаен хроничар за историјата на нашата држава, за сите важни и историски акти и документи објавени во ова службено гласило.

Точно седум и пол децении, како што велат од „Службен весник“, континуирано и високопрофесионално ја извршуваат својата јавна, општествено доблесна задача, да ги објавува сите службени новини од општественото организирање.

– Тоа е доверба што обврзува, како што обврзуваат и стратегиски утврдените насоки на државата во врска со регулаторните реформи и информациското општество. Својата улога на посредник помеѓу државата и граѓаните на Република Македонија, во сферата на легислативата, ЈП „Службен весник на Република Македонија“ настојува да ја исполни со висок степен на совесност и секогаш со службена, автентична, точна, ажурирана и лесно достапна информација, истакнуваат од „Службен весник“.

Оттаму велат дека се целосно посветени на ефикасно и квалитетно исполнување на целите и обврските што произлегуваат од Законот за објавување закони и други прописи и акти, а објавувањето се врши во печатена и во електронска форма.

Визијата на претпријатието, како што посочуваат, е да продолжи совесно да управува со правниот, информативен систем на Република Македонија, како и со активностите од областа на издаваштвото и печатењето, така што услугите се реализираат со високо ниво на квалитет.

– Овие денови чекори заедно со историјата и иднината на нашата држава. Затоа, има за цел да остане стабилна и развојна компанија, која реагира реактивно и интерактивно на барањата на пазарот, корисниците и нивните потреби. Постојано да се оправдува, одржува и зајакнува репутацијата на угледот и авторитетот, со највисок квалитет, сигурност и точност во преносот на информации, со цел зачувување и активно негување на довербата на потрошувачите и заштитата на интересите на пошироката заедница. Цел и тенденција е секогаш да се биде иноватор во работата на претпријатието и да се препознаат и потврдат вложените знаења, енергија и креативност, нагласуваат од Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“.

Коронавирус