вторник, 20. август 2019. Вести денес: 87
home Вести

Јовески: Парите за рекетот, 1,5 милиони евра, биле исплатени во кеш во два наврата

Јовески: Парите за рекетот, 1,5 милиони евра, биле исплатени во кеш во два наврата

Никој што сторил кривично дело нема да биде поштеден, порачува републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во интервју за „Независен весник“. Тој открива некои детали за истрагата за најновиот случај „Рекет“, за сметките на бизнисменот сведок и за проширувањето на истрагата.

-Да, истрагата ќе се прошири за сите инволвирани лица во конкретниот случај, како и за други кривични дела доколку во неа се дојде до такви докази. Во овој момент не може да се каже дали ќе бидат опфатени пратеници, обвинители или други личности. Постапуваме неселективно и делото ќе го истражиме и расветлиме целосно и сеопфатно. Никој што сторил кривично дело нема да биде поштеден, вели Јовески.

Тој појаснува и на кој начин бил даден рекетот од 1,5 милиони евра, кој наводно осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец ги добиле од Орце Камчев.

-Парите се дадени во готовина во два наврата. Обвинителството уште во предистражната постапка ги утврди начинот и сметките од кои се обезбедени парите. За да не се наштети на постапката, други детали не би откривал. Но кога ќе бидат создадени услови, јавноста ќе биде запознаена со начинот на извршување на кривичните дела во овој предмет, вели Јовески.

Републичкиот јавен обвинител одговара и на прашањето зошто бизнисменот Камчев не е осомничен во истрагата за „Рекет“, бидејќи самиот признава дека дал поткуп?

-Во истрагата Обвинителството ќе истражува дали целта била да се поткупат обвинители или само да се искористи влијанието на првоосомничениот врз јавен обвинител. Лицето за кое прашувате е подносител на кривичната пријава и е сведок во овој предмет. Околностите што се земаат предвид согласно со законот се однесуваат само за овој предмет. Лицето за други кривични дела во други постапки може да се јави и во друго својство, зависно од инволвираноста и учеството што го имал во кривичноправните настани.

За да се стимулира откривањето на овие кривични дела, законодавецот предвидел олеснување на положбата на лицето, кое ќе го пријави кривичното дело, но повторувам само за тој кривичноправен настан. Овој кривичен предмет воопшто не влијае врз одговорноста на сведокот во предметот „Империја“, кој го води СЈО, вели обвинителот Јовески.