понеделник, 22. јули 2019. Вести денес: 40
home Вести

Јовановиќ: Метлата прво требаше да го исчисти Анѓушев

Јовановиќ: Метлата прво требаше да го исчисти Анѓушев

Прв кој требало да замине од владиниот кабиент на Зоран Заев бил вицепремиерот за европски прашања Кочо Анѓушев, смета професорот Бранимир Јовановиќ, инаку до скоро најблизок советник на министерот во заминување Драган Тевдовски.

Тој во смс порака за Сител ТВ објаснува на кого мислел кога на Фејсбук статус напиша дека не Тевдовски, туку други министри требало да бидат опфатени со метлата.

-Не знаев за сменава кога јас се повлеков, и воопшто не ја очекував. Мислев дека “метлата” требаше да ги фати оние кои работеа за личен интерес наместо за јавниот, оние кои местеа милионски тендери, оние кои трошеа државни пари, а ништо не работеа, напиша Јовановиќ на Фејсбук.

Анѓушев пак, вели дека обвинувањата се неаргументирани.

-Одлуката за реконструкција, односно кои министри треба да се заменат ја донесе мандатарот во координација со полтичките партнери и истата ја соопшти во јавност. Немам намера да коментирам ниту пак да навлегувам во мотивите на дадената изјава која ми ја пренесовте, која е неаргументирана. Лично, на колегите им посакувам успех во нивните идни ангажмани, одговара Анѓушев, пренесува Сител.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека со преземањето на функцијата министер за финасии од страна на премиерот, Заев и неговата фамилија ќе управуваат директно со милјарди евра народни пари и 10 финансиски институции меѓу кои Царината, Управата за јавни работи, Финсиската полиција и Управата за финансиско разузнавање. Опозициската партија вели дека за најкорумпираните министри не заминале од владиниот кабиентот.

Дека Заев не направил вистинска метла во владиниот кабиент смета и албанската опозиција.

„Тој не покажа храброст се ослободи од неодговорните кадри, кадрите кои потпишуваат договори во четири очи, кадрите кои им даваат тендери на штотуку регистрирани фирми, кадрите кои ја користат функцијата министер во корист на нивните приватни фирми, кадри кои се во состојба да го прекршат законот за лични придобивки“, коментираат од Алијансата на Албанците на Зијадин Села.