среда, 19. јануари 2022. Вести денес: 53
home Вести

„Јавното обвинителство да го испита криминалот во општина Струмица“

„Јавното обвинителство да го испита криминалот во општина Струмица“

Комисијата за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ го повикува Јавното обвинителство да го испита криминалот во општина Струмица.

Во продолжение го пренесуваме нивниот Фејсбук статус: 

„Пред нецел месец јавноста по којзнае кој пат се увери дека со СДС корупцијата е застапена на сите нивоа на власт и во сите постапки кои имаат допир со пари, а една од поголемите појави е корупцијата во јавните набавки преку кои годишно се извлекуваат милиони, без никаква одговорност.

Вчера премиерот од трибината во Борис Трајковски силно говореше во нешто во кое ниту сам верува, ниту пак, се залага на дело. Имено, тој гласно ги повика сите надлежни институции да се борат со криминалот и корупцијата, а одговорните да ги сносат последиците од својата неодговорност, но притоа не слушнавме како ќе реагираат надлежните органи, ниту пак, кој ќе ја сноси одговорноста за штетниот и апсурден тендер кој се обидоа да го протнат токму во неговата Струмица!

Имајќи предвид дека со оваа власт тендерите се секогаш наместени и прилагодени спрема поединци и дека единствен начин за да се спречат големите малверзации е изнесувањето на јавните набавки во медиумите со цел да се изврши притисок, Комисијата за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на склучениот договор на јавното претпријатие Комуналец од Струмица со приватна фирма, на која Комуналец ќе ù платеше 1.200.000 евра за чистење смет.

Напоменуваме дека целта на реакцијата не беше само да се раскине договорот, туку во оваа држава одговорните да престанат да ја користат секоја дупка во законот за да си наместат некоја работа и конечно да одговараат за самоволието.

Но, како и секогаш, така и сега, сите си ги измија рацете од одговорноста и конкретна реакција нема! И понатаму не постои никаква волја нешто да се смени и да се превземе одговорност.

По патот по кој оди власта, а кого го нарекува „прав пат“ никогаш нема да стигнеме до силна правна држава.

ВМРО-ДПМНЕ е одговорна партија и уште поодговорна опозиција која во интерес на сите граѓани на оваа држава будно ги следи и реагира на сите неправилности во функционирањето на власта, максимално залагајќи се да ја спречи секоја можна неправда која власта намерава да ја натовари на грбот на граѓаните!

Од таа причина, уште еднаш го повикуваме Јавното обвинителство и сите надлежни институции да истражат колкава е штетата од овој апсурден договор, уште колку такви штетни договори се кријат од очите на јавноста, кој ќе ја превземе одговорноста и конечно, колкава ќе биде казната!?

Редно време е тендерите во Струмица, но и во сите општини да престанат да завршуваат во фирми на блиски роднини на функционери и на исти фирми, како да не постојат и други!

Одговорно работење не значи само признавање на грешките, туку и нивно прифаќање заедно со оставките кои мора да следуваат после секој обид за кражба на граѓаните“! -велат од Комисијата!

Коронавирус