четврток, 19. септември 2019. Вести денес: 104
home Вести

Јавно обраќање на Македонски манифест по повод возобнувањето на споменикот на бугарскиот полковник

Јавно обраќање на Македонски манифест по повод возобнувањето на споменикот на бугарскиот полковник

Јавно обраќање на Македонски манифест по повод возобнувањето на споменикот на бугарскиот полковник што е и повод за нови барања на учесниците во војните за распарчување на Македонија.

Во продолжение интегрално Ви го пренесуваме соопштението на Македонски манифест:

СРАМЕН И ПОНИЖУВАЧКИ ЧИН

Поклонувањето на премиерот на Република Македонија пред споменикот на бугарскиот полковник во Дојран го отвора прашањето за барања за возобнување на обележја на настани од војните и на другите учесници кои ја распарчувале Македонија. Дали овој настан легализира вакви барања за поставување обележја и на другите учесници во Балканските војни? И, каква е смислата на поставување паметници во случајов на личност значајна само за Бугарија, личност која нема никакво место во македонската меморија.

Често нашите актуелни званичници се повикуваат на договорот за добрососедски односи со Бугарија. Актуелна е и работата на комисиите за чествување на личности од заедничката историја. Но, во случајов е сосема јасно дека бугарскиот полковник не е позитивен пример за заедничко чествување.
Се возобновува споменик на бугарскиот полковник, а преку ноќ се руши споменикот на револуционерот Андон Лазов-Ќосето. Преку ноќ и без објаснување го снемува споменикот на Борис Сарафов од пред Министерството за надворешни работи во Скопје. Споменикот на војводата Александар Турунџев е оставен и заборавен во дворот на општината во Битола, меѓу паркираните возила на вработените во општинската администрација, напуштен и заборавен…

Кој бил бугарскиот полковник Каварналиев кој загинал 1913 година во Стар Дојран? Учесник во српско-бугарската војнаво 1885 година. Во Втората балканска војна е командант на третата бригада од бугарската балканска дивизија.

На 16 јуни 1913 година започна Втората балканска војна. Завршила со потпишување на Букурешкиот договор (10 август 1913) со кој Македонија е поделена од соседните држави. И во Првата и во Втората балканска војна беа мобилизирани Македонци и во бугарската и во српската војска. Тие се бореа во туѓи шинели. Во текот на Балканските војни и во Првата светска војна територијата на Македонија беше воено поле на кое се одвиваа воени операции меѓу балканските држави, а подоцна и меѓу големите спротивставени два блока. Завојуваните страни имаа многу жртви кои се погребани на воените гробишта во Македонија.

Во Македонија има француски воени гробишта, британски воени гробишта, бугарски воени гробишта, германски воени гробишта, српски воени гробишта… Може да го разбереме тоа. Постоењето на воените гробишта е хуман, човечки и христијански чин. Но, возобновување на спомен обележја како во случајов со паметникот за бугарскиот полковник кој се борел за интересите на Бугарија е бесмислено. Дали и другите делачи на Македонија нема да побараат поставувањеспоменици на нивни херои?

На интернет страницата на бугарскиот културен клуб пишува: „генералот Каварналиев загинува во близина на Дојран во 1913 година спасувајќи го бугарското население во југоисточна Македонија од нападот на неколку пати побројните грчки трупи…Во 1916 година (кога регионот е окупиран од Царство Бугарија, н.з.)бугарските војници поставуваат седумметарски споменик на неколку километри од Дојран со натпис „Полковник Каварналиев загина за слобода и татковината, со деветата плевенска девизија“. Споменикот бил тргнат во 1966 година од југословенските комунистички власти во Скопје…“.

Односот кон паметниците, спомен обележјата и кон воените гробишта зависел од тоа кој окупатор владеел со Македонија. Биле обновувани и им се оддавало почит на жртвите на оние кои што во тој момент управувале со Македонија. Истовремено противничките обележја биле и уништувани. Дали такво нешто ни се повторува?

Деновиве кога премиерот Заев и премиерот Борисов се поклонија на возобновениот паметник во Дојран, ја слушнавме и изјавата на бугарскиот премиер дека комисиитеод двете држави кои имаат директна обврска од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, мора да најдат компромис најдоцна до октомври. Дали тоа не е директен притисокдо комисиите со поставените рокови и со бесмисленото тврдење дека Гоце Делчев е Бугарин.

Поклонувањето на премиерот Заев пред споменикот на бугарскиот полковник од периодот на парчењето на Македонија го доживуваме како национално понижување. Сето ова наметнува повеќе прашања:

– Дали ќе има заедничко чествување и на гробот на Јане Сандански во Роженскиот манастир?

– При ревизија на учебниците по историја во Бугарија дали ќе биде запишано стрелањето на децата во Ваташа 1943 година?

– Дали Ваташа е наше заедничко минато?

– Дали постои Бугарин кој знае што се случило во Ваташа?

– Дали наместо овој паметник треба да се подигне споменик на Георги Димитров?

Евидентна е покажаната отвореност на Македонија за дијалог со Бугарија и Грција со потпишувањето на договорот за добрососедство со Софија и со потпишувањето на Преспанскиот договор со Атина. Евидентни се и отстапките што ги направи Македонија. А, во исто време сме сведоци на зачестени навреди кон македонскиот народ и тоа токму од истите наши соседи. Да се потсетиме само на изјавата на вицепремиерот на Бугарија,Каракачанов,од пред некој ден при неговата посета во Скопје, кој македонското малцинство во Бугарија го спореди со Марсовци и Ескими.

Во исто време имаме непримерна реакција на грчката јавност со која недамнештиот собир на Македонците од егејскиот дел на Македонија во Овчарани каде што пеењето македонски песни и играњето македонски ора го окарактеризираја како иредентистички провокативен чин.И покрај потпишувањето на споменатите наметнати договори, односот на соседите кон нас не се менува со векови. Можеби е ново само повикувањето на историјата. Дали ваквите однесувања се последица на несиметричните договори за добрососедство?

Дали постои заедничка историја на Балканот? Балканските војни создадоа можност националните митови на земјите учесници во војните да создаваат селективно толкување на фактите, со прилагодување на фактите кон сопствените политички и национални потреби. Различната интерпретација на факти се гледа преку документаристиката на земјите на Балканот.

На Балканот има едно правило и тоа гласи: На Балканот нема правила!

5 август 2019 година Македонски Манифест