понеделник, 18. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Јавна трибина за аерозагадувањето во Скопје и инспекцискиот надзор

Јавна трибина за аерозагадувањето во Скопје и инспекцискиот надзор

Јавна трибина за аерозагадувањето и инспекцискиот надзор над загадувачите во Скопје ќе биде одржана денеска во Општина Аеродором во органзиација на Здружението на граѓани за одржлив развој и заштита на животната средина „Зелен институт”.

Трибината е во рамки на проектот „Платформа за координација и граѓанско учество во инспекциски надзор врз загадувачите на воздухот“ имплементиран во Градот Скопје и четири пилот-општини (Карпош, Центар, Аеродром и Гази Баба), а поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Организаторите истакнуваат дека аерозагадувањето во Скопје е на високо ниво и неопходно е да се прошири обемот на досега спроведените мерки, а особено во однос на инспекторирање на индустриските загадувачи. Предлагаат повеќе мерки, меѓу кои и подигање на капацитетите и координацијата на инспекторите за животна средина во Градот Скопје и општините и вклучување на граѓаните во инспекцијата на изворите на аерозагадувањето од индустријата.

Во проектните активности спаѓа и обука на инспекторите за животна средина од сите скопски општини, заедно со оние од Градот Скопје, за покоординирано и поефикасно работење. Предвидено е во секоја од општините и во Градот Скопје да се одржат панели со различни општествени актери кои можат да влијаат врз квалитетот на воздухот (инспектори за животна средина, советници, градоначалници, граѓански активисти, претставници од изворите на загадување, медиуми и др.), за да се изнајдат начини за намалување на загадувањето.

Искуствата од овој проект ќе можат да се применат и во други општини, со крајна цел – максимална мобилизација на целото општество во борбата со опасното загадување на воздухот и заштита на животот и здравјето на граѓаните, велат од „Зелен институт”.

Коронавирус