вторник, 25. јуни 2019. Вести денес: 94
home Вести

Јаулески: Македонија ќе плаќа 40.000 евра за ќерката на Димитров да заврши во Холандија

Јаулески: Македонија ќе плаќа 40.000 евра за ќерката на Димитров да заврши во Холандија

Младите и перспективни кадри си заминуваат од Македонија. Тоа што Димитров признава дека две години преспал и наместо да се концентрира на тоа како младите да останат во земјава и да го дадат својот придонес, тој си се фокусирал на стипендијата на ќерката, не им помага многу на кандидатите кои заради партиските фаворити на Заев и Димитров не добиваат шанса во МНР, истакна Јован Јаулески, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

-Никола Димитров наместо во изминативе две години да иницира промена на Законот за административни службеници доколку смета дека тој има пропусти, тој се зaангажира да обезбеди стипендија од 40.000 евра за ќерка му за студирање во Холандија. И ако колегите политичари на Димитров од регионот ги праќаат своите деца да студираат во странство, но не со државни пари, туку со стипендии добиени од универзитетите, кои ги даваат стипендиите на основ на личен квалитет, Македонија ќе плаќа 40.000 евра за Јана Димитрова да заврши во Холандија, рече Јаулески и додаде:

„Додека ќерката на Димитров студира со државни пари во странство, млади луѓе кои сами си го платиле своето образование на престижни Универзитети низ светот не можат да се вработат во Македонија, каде Димитров е министер за надворешни работи. Димитров треба да  се огледа на примерот со хрватската Претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, чија ќерка е примена на Харвард и ќе добива стипендија од Универзитетот, а не од државата. За цел свет важат едни стандарди, а за Димитров важат други. Квалитетни кадри кои се образувале во странство, магистрирале и докторирале на свој сопствен трошок не се доволно квалификувани за Димитров, а се квалификувани лица кои завршиле само високо образование. Ако ова не е партизација и двојни аршини, тогаш не знаеме што е“.

Партизацијата, потенцира тој, мора да запре.

-Достапноста на работните места мора да биде еднаква за сите, без разлика кој од која партија е. Македонија мора да стане држава за сите. Со еднакви можности за секој.