среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 0
home Вести

Јанушев: Заев одлучи на сила да турка прашање кое е бесмислено и повеќезначнo за да ја покрие капитулацијата во преговорите со Грција

Јанушев: Заев одлучи на сила да турка прашање кое е бесмислено и повеќезначнo за да ја покрие капитулацијата во преговорите со Грција

Бледите и стерилни прес конференции на Заев не може да ја покријат трагедијата што и се случува на Република Македонија изминатите 14-тина месеци, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.

-Трагедијата кулминира со вчерашното самоволие на парламентарното мнозинство кое одлучи да распише референдум без консултации со опозицијата во однос на најважното прашање од кое што зависи македонскиот идентитет, историја, традиција и култура. Власта одлучи да распише референдум за договорот со Грција без да го послуша размислувањето на 455.000 граѓани на Република Македонија кои се претставени од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“. Заев одлучи на сила да турка прашање кое е бесмислено и повеќезначно, само за да ја покрие капитулацијата во преговорите со Грција и прифаќањето на капитулантски договор со кој се исполнуваат грчките црвени линии и се прават отстапки какви што нема направено ниту еден политичар во историјата на Република Македонија, рече Јанушев и додаде:

„Доколку имаше трошка вистина во тоа што го говори и доколку беше убеден дека договорот со Грција го штити македонскиот идентитет, името, јазикот, историјата, националноста, традицијата и културата, Заев немаше да се обиде да ги манипулира граѓаните со непрецизно и двосмислено прашање кое што е спротивно на Законот за референдум и Уставот на Република Македонија. Доколку Заев беше убеден дека постигнал добар договор со Грција, тогаш само договорот ќе беше ставен во референдумското прашање и народот ќе го кажеше своето мислење за него. Вистината е сосема спротивна. Договорот со Грција е капитулантски и штетен! Затоа Заев мора да го покрива со манипулации и да игра на картата на стремежот на граѓаните, а тоа е Република Македонија да биде дел од Европската Унија и НАТО“.

Заев, подвлече тој, наликува на човек губитник кој сега се фаќа за последната сламка за да се спаси себе и кликата која ја насобра околу него.

-Граѓаните не сакаат и нема да дозволат олицетворение на вредностите кои ги претставуваат ЕУ и НАТО во земјава да бидат Заев, Вице, Кочо Анѓушев или Радмила Шекеринска. Тие може да бидат само ликови во некој крими роман во кој што брутално се ограбува народот и државата. Граѓаните ќе му кажат НЕ на Заев, зошто се против некој да си дели 10,5 милиони евра, народни пари, на фирми на своите советници и соработници. Граѓаните ќе му кажат НЕ на Заев, зошто се против обидот без срам да се украдат 35 милиони евра од здравството, пари на народот и да се доделат на фирми формирани пред само неколку месеци, истакна тој и додаде:

„Срамно е поистоветувањето на историскиот референдум од 1991 година со приватниот референдум што Заев си го распишува сега. Тогаш сите политички партии постигнаа консензус за референдумот, а граѓаните одлучуваа за независна Република Македонија. Сега ниту има консензус, а се бара граѓаните да гласаат за бришење на Република Македонија, на нејзината традиција, историја и култура. Референдумот од 1991 година со декларацијата за независност стана обврзувачки, каков што Заев ветуваше дека ќе биде и овој референдум, но на крај го погази зборот по кој знае кој пат и исплашен од волјата на граѓаните одлучи истиот да биде консултативен“.

Јанушев му порача на Заев, дека е доста со манипулирање и лажење на граѓаните.

-Доколку референдумот не успее тие очекуваат да си заминете од политиката, онака како што ветивте, а не да си смислувате автентични толкувања и одговорноста за реализација на капитулантскиот договор да ја префрлате на институциите. Зоран Заев, вие сте единствени тие што ја попречуваат подобрата иднина на нашите граѓани. Вашето владеење е синоним за корупција, криминал, неспособност и брутална партизација на институциите и на судството. Што побргу си заминете, толку подобро и за државата и за граѓаните.