сабота, 19. јуни 2021. Вести денес: 47
home Вести

Јаневска: СДСМ и Спасовски да не ги жртвуваат учениците и граѓаните заради партиски игри

Јаневска: СДСМ и Спасовски да не ги жртвуваат учениците и граѓаните заради партиски игри

Хаосот кој што власта на СДСМ го создава во образованието не престанува. Се уште нема учебници, се уште нема систем за учење на далечина како што наложи состојбата, се уште е актуелен проблемот со платите на наставниците, а сега среде епидемијата СДСМ и техничкиот премиер Оливер Спасовски најавуваат повторно отворање на училиштата и продолжување на училишната година?, ова денеска преку прес-конференција го истакна Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Значи повторно се создава нов хаос, по оној од уредбата за учење на далечина без подготовка на наставниот кадар, родителите и учениците, без анализа на техничката опременост на училиштата и учениците, без анализа на опфатот на учениците кои ќе бидат вклучени во наставата, следува друг образовен хаос со отворање на училиштата, повторно без стратегија, анализа на техничките можности, односно инфраструктурата, без анализа на човековите ресурси и без планирани финансии. Очигледно е дека СДСМ и власта мислат само на партискиот рејтинг, па глумејќи нормалност го жртвуваат образовниот процес, но и здравјето на децата и граѓаните, вели Јаневска.

Таа додава дека по најавата на Оливер Спасовски, техничкиот премиер од СДСМ, за отворање на училиштата кон средината на мај, и Спасовски и СДСМ мора да одговорат на следните состојби:

1. Колку е изводлива настава на ученици седнати во клупа на 2 метри оддалеченост и по колку ученици во таков случај ќе бидат одеднаш присутни во училница, знаејќи дека секое одделение или клас има околу 30 ученици? Веднаш ќе кажам, тоа значи најмногу 10 – 15 присутни ученици во училница, па што ќе се прави со останатите 10 до 15 ученици?
2. Колкаво работно време ќе имаат наставниците ако треба да работат во повеќе групи од по 10 до 15 ученици?
3. Како на одмор децата ќе се одржат во групи од две или три со пропишана физичка дистанца?
4. Како ќе ја организирате исхраната на учениците?
5. Има ли услови во училиштата за одржување на хигиена на рацете на секој час? Како сите учениците и наставници во 5 до 10 минути одмор пред секој час ќе се измијат, во рамки на заштитата од пренесувањето на вирусот? Притоа во кои тоалети, со кои средства?
6. Колку ќе трае училишната настава за едно одделение ако се поделени на две, во сите училиштата кои немаат таков капацитет? Дали и како ќе ги исплатите за дополнителната работа наставниците, кога веќе и така им скративте дел од платата за успех или тежина?
7. Колку пати ќе треба училишниот автобус да ја помине истата тура од почетната точка до училиштето ако се почитува мерката за ограничен број ученици во него?
8. Притоа, ако ги отворите училиштата, еден родител кој што сега ги чува децата, ќе оди на работа. Значи ли тоа дека ќе ги жртвувате бабите и дедовците, за да се грижат и излегуваат да ги однесат, донесат децата од училиште, да ги чуваат децата по училиште?
9. И дали со планот за отворање на училиштата и продолжување на наставната година признавате комплетен дебакл во спроведувањето на учењето на далечина? Дали залудно вршевте притисок и закани врз наставниот кадар, родителите и децата? Дали тоа што сега ја продолжувате годината значи дека ништо од тоа што е сработено и согласно тоа е пополнет Е-дневникот, нема да важи? Дали тоа значи дека нема да важи и нема да биде земен предвид постигнатиот успех на учениците во овој период? Како ќе се исправат и регистрираат тие преклопувања?
10. Имате ли стратегија за учениците кои не беа вклучени во учењето на далечина и особено за лицата со попреченост?
Ако имате план и стратегија објавете ги да ги видиме, транспарентноста во образованието ви е сведена на нула.
Ако ги затворивте училиштата кога дневно имавме по 10 заразени, зошто би ги отворале сега кога дневно имаме 30 до 40 заразени, под услов таа бројка да е точна, а не поголема?

-Нели далечинското учење функционираше? За крај, матурантите имаат само уште 20-тина работи денови до крај на годината. Немате никаков став. Ќе полагаат ли матура од 10 – 15 јуни? Подготвени ли се или очекувате сите да добијат високи оценки па да навалат на факултетите? Ако сите добијат ниски оценки чиј е пропустот и кој ќе биде одговорен? Овој пат сигурно тоа нема да бидат наставниците. Кој ќе поднесе одговорност за хаосов во образованието? Спасовски, МОН, СДСМ, престанете со играњето со образованието, уништувате цели идни генерации, жртвувате здравје, ризикувате животи, само и само заради партиски рејтинг!, потенцира Јаневска.

ЕУРО 2020

Македонија