вторник, 18. февруари 2020. Вести денес: 81
home Вести

Јанева инсистирала на итно потпишување на мислењето на Камчев да му се врати пасошот

Јанева инсистирала на итно потпишување на мислењето на Камчев да му се врати пасошот

Со сослушување на сведокот Елизабета Јосифовска,  која била заменичка на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, денеска во  Основниот кривичен суд Скопје продолжи рочиштето за случајот „Рекет“.

Обвинителката Јосифовска го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на Јордан Камчев, обвинет во предметот на Специјалното јавно обвинителство, „Империја“.

Таа посочи дека потпишувала процесни мислења, а наредбите за истрагата и обвиненијата ги потпишувала само Јанева.

-На 2. мај 2019 година го потпишав мислењето со кое се уважуваше предлогот на одбраната и тоа гласеше да се даде согласност на издавање времена патна исправа за осомничениот Јордан Камчев. Морам малку да се вратам, и да кажам дека при потпишување на сите акти во СЈО, имаше процедура. Сите обвинители, и јас, изготвените акти ги доставувавме до канцеларијата на специјалниот јавен обвинител, кој на соодветен начин го информираше специјалниот јавен обвинител, и кога ќе ги добиеме преку тие служби, значеше дека специјалниот обвинител го одобрил, и јас и Ленче, во случај на отсуство на Јанева, ги потпишувавме тие акти. Ми остана во сеќавање актот кој јас го потпишав, не дојде по вообичаен начин, туку на крај на работното време беше донесено во моја канцеларија од страна на стручен соработник кој работеше во тимот на Лиле Стефанова. Мислењето беше изготвено, и не дојде од кабинетот на шефот, и прашав што е тоа. Ми кажаа дека треба да се даде позитивно мислење. Знаев дека Стефанова и Јанева беа отсутни, ја прашав стручната соработничка дали обвинителката Стефанова е запознаена, ми одговори „НЕ“.

Побарав да ми го донесе целиот предмет, тоа го направи стручното лице. Ја контактирав и Сања Димовска шеф на кабинетот на специјалниот обвинител, и Лиле Стефанова. Димовска ми кажа дека е налог на специјалниот јавен обвинител, и дека таквото мислење треба да се потпише. Во уписите на предметот видов дека е стигнато денеска. Ми рече тоа е насока на специјалниот јавен обвинител, и дека постоеле причини за итност.

Стефанова ми рече дека не е запознаена со таквото мислење, не се согласуваше со тоа, бидејќи постоела реална опасност осомничениот Камчев да побегне, затоа што имаше двојно државјнство. Реков дека мора да го потпишам тоа и немав право да ја менувам суштината. Повторно комуницирав со Димовска, повторно ми одговори дека тоа е мислење по налог на специјалниот јавен обвинител, јас го потпишав“, рече Јосиифоска, пренесува ТВ21.

Случајот го води судијката Васка Николовска-Масевска и се наоѓа во доказна постапка.

Досега како сведоци во судот исказ дадоа бизнисменот Јордан Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинарот Христијан Баневски од телевизија 1ТВ и други.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор