сабота, 19. септември 2020. Вести денес: 38
home Вести

Измените на Законот за минерални суровини пред пратениците

Измените на Законот за минерални суровини пред пратениците

Собранието на Република Македонија денеска треба да расправа по измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, поднесени од 11 пратеници со различна политичка ориентација.

Предлогот е на дневен ред на 32. седница, а треба да се донесе по скратена постапка. Зад него стојат Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Мери Лазарова, Ивана Туфегџиќ, Кети Смилеска, Ирена Стефоска, Горан Милевски, Павле Богоевски, Сашко Атанасов, Диме Велковски и Ферид Мухиќ.

Македонската асоцијација на рударството (МАР) во јули годинава повторно апелираше да не се носат измените на Законот за минерални суровини по скратена постапка, туку претходно да се организира јавна дебата со сите засегнати страни. Предупреди дека измените ќе бидат штетни за рударството и дека се нелогични, недоречени и неприменливи во пракса. Како што рече тогаш претседателот на МАР Николајчо Николов, измените се тенденциозни и се туркаат заради добивање политички поени. Николов обвини и дека е нестручен пристапот во дефинирањето на измените.

На тоа возврати пратеничката Лилјана Поповска, квалификувајќи ги како невистини и манипулации изречените ставови на Николов. Не е точно, нагласи, дека измените се лоши и неприменливи, туку напротив, јасни се, логични и во насока на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

– Измените содржат забрана за цијаниди и сулфурна киселина при лужење и флотација во површински рудници за металични минерални суровини, обврска во техничката документација да стои јасно за какви постапки и хемикалии станува збор, обврска за финансиска гаранција на концесионерот во случај на еколошка катастрофа и продолжување на роковите за одговор на локалната самоуправа и државните институции на 60, односно 30 дена, наместо сегашните 15 дена, објасни Поповска.

Собранието на Република Македонија пред 32. седница на чиј дневен ред има уште две точки, треба да ја продолжи и 58. седница. 

(Миа)

Коронавирус