петок, 18. јуни 2021. Вести денес: 61
home Вести

ИЗЈ: Раст од 4,1 отсто на бројот на новозаразени и починати

ИЗЈ: Раст од 4,1 отсто на бројот на новозаразени и починати

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 1 до 7 февруари, тестирани се вкупно 14.398 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,8 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.120 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 4,1 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.011; 47,7 отсто), со неделна инциденца – 163,7/100.000. Највисока неделна инциденца од 415,7/100.000 е регистрирана во Демир Капија.
Процентот на позитивност се движи од 10,3 до 17,7 отсто, просечно 14,2 отсто, идентично како минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=568, 26,8 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години (n=422; 19,9 отсто), од 50 до 59 години (n=381; 18 отсто), од 40 до 49 години (n=358; 16,9 отсто) и од 20 до 29 години (n=257; 12,1 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=40; 1,9 отсто) и 10 до 19 години (n=94; 4,4 отсто).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.322 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11,6 отсто повеќе во споредба со минатата недела.

Пријавени се 66 смртни случаи од 21 град, со зголемување од 3,1 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 58 лицa биле над 60 години, пет лица на возраст од 50 до 59 години и по едно лице на возраст од 40 до 49 години, од 30 до 39 години и 20 до 29 години.

Во текот на минатата недела (01-07.02.2021), до ИЈЗ се пријавени 649 материјали кои биле секвенционирани за присуство на британскиот сој на SARS-CoV-2 од три лаборатории (ИЈЗ, Клиника „Жан Митрев“ и МАНУ). Од секвенционираните, 56 се позитивни за присуство на новиот сој на SARS-CoV-2. Од овие резултати е забележано дека британскиот сој на SARS-CoV-2 е присутен во осум градови, а најголем број случаи се откриени во Охрид (n=25), Прилеп (n=10) и Кавадарци (n=4).

Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број на нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на континуиран внес на нови случаи на Ковид-19 од странство.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 1 до 7 февруари 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/ , стои во соопштението.

ЕУРО 2020

Македонија