недела, 13. јуни 2021. Вести денес: 106
home Вести

Издадена поштенска марка со ликот на Блаже Конески во 6000 примероци

Издадена поштенска марка со ликот на Блаже Конески во 6000 примероци

Марка со ликот на великанот Блаже Конески од денеска е во оптек во 6.000 примероци, со што Пошта на РСМ се вклучи во одбележувањето на јубилејот – 100 години од неговото раѓање. Илустрирана е со портретот на Конески, дело на академик Димитар Кондовски. Во вредност од 72 денара може да се најде во Бирото за филателија во Пошта 2 во Скопје.

Претседателот Стево Пендаровски на промоцијата порача дека негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на академикот Конески, туку и долг кон самите себеси, долг кон сите наши предци, долг кон идните генерации.

-Заштитата и негувањето на македонскиот јазик е исто така и обврска не само кон оние чиј мајчин јазик е македонскиот, туку и кон сите оние кои го употребуваат како официјален во независна и самостојна Република Северна Македонија, но и кон сите лингвисти, слависти и македонисти кои го проучувале и изучувале, кон сите преведувачи кои преведувале и преведуваат од или на македонски. На крајот на краиштата тоа е долг кон науката, кон вистината и кон правдата. Затоа во годината Конески, но и во секоја следна како општество, но и како поединци, обични граѓани или претставници на институции да работиме сплотено и одговорно во афирмација и промоција на неговото дело, рече Пендаровски, на промоцијата на која присуствуваа и министерката за култура Ирена Стефоска, генералниот директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ Јани Макрадули и универзитетскиот професор и претседател на Советот за македонски јазик Људмил Спасов.

Директорот на Пошта на РСМ верува дека на секој наш сограѓанин, а особено на филателистите ќе им биде предизвик да ја вметнат марката во сопствената колекција.

-За да ја прошириме во целиот свет да стане што повидлива сите да испратиме барем едно писмо, на некому што му недостига, некому што го чувствуваме близок и да ја ставиме поштенската марка со ликот на Конески, особено во ова тешко време, кога корона-пандемијата физички не одделува едни од други, порача Макрадули.

Промоцијата е дел од програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ која се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура, а во соработка со Министерството за образование и наука. Стогодишнината од раѓањето на Конески е запишана и во календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО.

ЕУРО 2020

Македонија