сабота, 28. март 2020. Вести денес: 92
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Ивановски: Со законот за употреба на јазиците Уставот беше прекршен уште пред една година кога беше донесен

Ивановски: Со законот за употреба на јазиците Уставот беше прекршен уште пред една година кога беше донесен

Законот за употреба на јазиците без потпис од претседателот на државата не може да се смета за донесен. Со ова законско решение Уставот беше прекршен уште пред една година кога Собранието го усвои без двотретинско мнозинство, вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, во вестите на Сител Телевизија.

Ивановски потенцираше дека власта со овој преседан го ремети принципот на владеење на правото и не постапува во функција на заживување на правната држава.

– Да се објави закон и тоа непосредно по усвојувањето на уставните измени и да не се почитува фактот дека уште кога бил носен, не бил донесен во постапка за која што бара Уставот, според тоа е кршење на принципите на Уставот, истакна Ивановски.

Тој посочи дека бидејќи постојат очигледни елементи на прекршување на Уставот, може да се покрене постапка за уставноста на законот од страна на Уставниот суд и во тој случај овој закон ќе биде укинат или времено стопиран.

– Јас сум убеден дека доколку се држи до задачата што произлегува од таа институција и доколку се оди до заштита на уставноста и законитоста дека ќе биде постапено, нагласи Ивановски.

Со поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски се согласува и професорката Каролина Астеруд која вели дека Џафери флагрантно го повредува Уставот и самиот акт го нарекува правно насилие и затоа повикува на бојкот на овој закон кој го нарекува незакон.