недела, 20. септември 2020. Вести денес: 70
home Вести

Ивановска: Ќе бараме од новите пратеници да донесат Закон за потекло на имотот

Ивановска: Ќе бараме од новите пратеници да донесат Закон за потекло на имотот

Не секогаш оној кој се стекнува со имот, го става имотот на свое име. Ќе бараме од новите пратеници да донесат Закон за потекло на имотот, изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска во интервју за „Слободен печат“.

– Од досегашното искуство кое го имаме во Антикорупциската комисијата гледаме дека не секогаш оној кој се стекнува со имот, го става имотот на свое име. Тоа е најголемиот проблем што сега можеме да го истакнеме. Значи се врши дисперзија на имотот на некои други блиски роднини во фамилијата, дури и не мора да се блиски како семејство, може да се блиски пријатели. Затоа ние како Комисија сме согласни и едногласни да бараме од новиот парламентот да смогне сили или политичка волја и да донесе Закон за потекло на имотот на сите граѓаните. Дури тогаш ќе имаме темелна слика за тоа каде е имотот и кој располага со имотот. Тоа може да се направи и ќе биде голем чекор напред за сите, за нашата држава, нагласува Ивановска.

Таа појаснува дека во анкетните листови пратениците треба да ја наведат целокупната имотна состојба со која располагаат, но исто така треба да пополнат и листови за судир на интереси.

– Со новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси, ние бевме обврзани да направиме нов образец. Според содржината образецот го дотеравме, го направивме, но, електронското решение сеуште не е готово. Проектот кој што беше поддржан од УСАИД е повлечен и некако сами до крај треба да го избуткаме ова ново решение за анкетните листови. Мислам дека многу скоро, веќе наредната недела ќе го објавиме тендерот за подготовка на електронски софтвер за анкетните листови кој ќе ни овозможи историски да следиме што се случувало во промена на имотната состојба на избраните лица. Дел од овој софтвер ќе биде и регистарот на службените лица и затоа даваме приоритет во нашата работа. Очекувам до крајот на годината да се подготви овој софтвер и да се стави во тест употреба, додава таа.

Ивановска нагласува дека и овој пат анкетните листови пратениците и новоизбраните функционери ќе ги пополнуваат според старата содржина за која има утврдено недоследности, пропусти и слабости.

– Ќе мора да ги донесат лично во нашата институција или да ги испратат по пошта. Софтверот до сега требаше да биде функционален, но се случија многу работи кои тоа го оневозможија, вели Ивановска.

Претседателката на Антикорупцуска додава дека сите пратенци и функционери на кои им завршува мандатот, исто така се должни да пополнат и да поднесат анкетен лист до Комисијата.

– Податоците кои ќе бидат внесени во анкетните листови, нашите служби ги внесуваат во нашата база на податоци. Таму во тој регистар тие остануваат 10 години. Ние немаме обврска, ниту законска можност анкетните листови, да ги држиме јавно на нашата веб страна. Но, затоа тие податоци имаме обврска да ги чуваме цели 10 години. Секој новинар или известувач кој се интересира за имотната состојба на пратеникот или било кој функционер на кој му мандатот му завршил, може по пат на слободен пристап да побара информации и да ги добие тие податоци, додава Ивановска. (МИА)

Коронавирус