понеделник, 28. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Иванов: Законот за двојазичност ја нарушува унитарноста на државата

Иванов: Законот за двојазичност ја нарушува унитарноста на државата

Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик. Тој преставува закана по унитарноста на државата“, предупреди денеска претседателот Иванов, во своето годишно обраќање во Собранието на Република Македонија. Во изминатиот период, рече Иванов, имал консултации со правни експерти, уставни судии, академици, универзитетски професори, лингвисти, овој предлог-закон, додаде тој, го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија. Кога ќе се прекршат големите закони, не добивате ниту слобода, ниту анархија. Наместо тоа, добивате многу мали закони, за да го оправдаат кршењето на големите закони.

„Мојата одлука за законот се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците мора исклучиво да биде во согласност со Уставот и усогласен со законите на Република Македонија“, подвлече претседателот Иванов.

„Јас сум Претседател на сите граѓани и сакам унапредување на употребата на јазиците на сите заедници, вклучително и на Албанскиот јазик“, истакна Иванов, повикувајќи ги лидерите на сите парламентарни партии прво да ги слушнат експертите и да направат квалитетен закон што нема да биде оспорен и што ќе понуди сеопфатно решение што вистински ќе ја унапреди употребата на јазиците, без притоа да создава поделби.

„Наместо во духот на дијалогот, вклученоста и соживотот да градиме мултиетничко општество преку општоприфатени закони, ние носиме репресивни закони без политички дијалог, без вклученост на научната и експертската јавност“ рече македонскиот претседател, оценувајќи дека за прашања кои задираат во унитарниот карактер на Република Македонија, за прашања кои задираат во правата и надлежностите на системските закони, мора да постои вистинска јавна дебата и најширок можен консензус.

Според македонскиот претседател, барањето за  двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Рамковниот договор, каде што се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. „Колку што е опасно неспроведувањето на Рамковниот договор, толку е опасно и излегувањето од рамката што тој ја предвидува“, оцени претседателот Иванов, потсетувајќи дека Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти. Тоа е она по што сме различни од другите, подвлече тој.

За еден предлог-закон да има европско знаменце, неопходно е да постои Европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата, рече македонскиот претседател, потенцирајќи дека таква директива не постои. „Со овој закон Република Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара“, нагласи македонскиот претседател.

Претседателот Иванов, укажа и на непрецизноста на терминологијата околу тоа, што е официјален јазик, службен јазик и јазик во службена употреба, а ваквата непрецизност неминовно ќе се одрази и на самата имплементација.

Македонскиот претседател ја смета за охрабрувачка најавата на новата Влада конечно, во 2019 година да се спроведе попис на населението. „Тоа ќе ни овозможи да добиеме реална слика за внатрешно политичка состојба, и основа за правата и обврските на граѓаните и државата“, рече македонскиот претседател во своето годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.

Коронавирус