недела, 18. април 2021. Вести денес: 91
home Вести

Иванов: Загаден е медиумскиот простор, нападната е вистината

Иванов: Загаден е медиумскиот простор, нападната е вистината

Крајно време е да се соочиме со вистината дека генерирањето и емитувањето на лажните вести во медиумите, на интернет и на социјалните мрежи, без мониторинг и мерки за граѓанска и кривична одговорност, е основа за тензии и конфликт. Оние кои предизвикуваат штети генерирајќи лажни вести мора да сносат одговорност. Позитивните европски примери треба да бидат имплементирани и кај нас, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во неговото годишно обраќање во Собранието на Република Македонија

– Главни актери во оваа војна се генераторите на лажни вести и гласини, кои имаат за цел да ја прикријат својата неспособност и да го насочат вниманието кон други. Видовме одредени институции и одговорни лица кои монтираат случаи засновани врз лажни вести и лажни информации. Отидоа до таму што се обидоа да ме обвинат и мене дека сум планирал да прогласам воена состојба. Наместо да ја прочитаат глава 7 од Уставот каде се пропишани условите за воена и вонредна состојба, тие се обидуваат да наметнат лажна престава и да креираат перцепција во јавноста за да изградат случај врз основа на измама. За жал, некои од новинарите и корисниците на социјални мрежи преку интернет платформи станаа инструменти за пренос на нивните лаги, порача македонскиот претседател.

Иванов додаде дека во изминатите три години, повеќе од 30% од идентитетите на нашите разузнавачи се откриени.  – Со тоа се предизвикани штетни последици од пропаднати операции во земјата и странство, загрозени се животи и уништена е агентурна мрежа за собирање на податоци, истакна Иванов.

Иванов порача дека е време да се врати јавната пристојност во јавната дебата.

– Нема посоодветно и подобро место за тој процес да започне од овој дом на демократијата. Пример треба да дадат и медиумите. На Република Македонија и е потребно слободно, независно и професионално новинарство, а не медиуми кои функционираат како експонати на политичките партии и пласираат лажни вести, рече Иванов.

Иванов во обраќањето се осврна и на потребата од борба против корупцијата и организираниот криминал и реформите во судството.

– Во тек се реформите во судството кои треба да се спроведуваат со еминентни, објективни и независни експерти, врз кои нема да се вршат партиски влијанија и притисоци. Само така ќе изградиме независно судство што ќе овозможи вистинско владеење на правото. Без сузбивање на криминалот и на корупцијата, на паразитската бирократија и клиентелизмот ние не можеме да градиме иднина за Република Македонија, порача Претседателот во обраќањето пред пратениците.

Коронавирус