четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 178
home Вести

Иванов за доделувањето помош на терористите од Косово: Така ли ни се заблагодаруваат после се што направивме за Косово?

Иванов за доделувањето помош на терористите од Косово: Така ли ни се заблагодаруваат после се што направивме за Косово?

Од првиот ден на мојот прв мандат се залагам за унапредување на добрососедските односи со сите соседи. Република Македонија ја продолжи политиката на градење на добрососедски односи врз основа на принципите на отвореност и взаемно почитување на внатрешните и надворешните политички приоритети, на секоја држава во регионот, порача претседателот Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието на Република Македонија.

Тој нагласи дека во таа насока е од клучна важност претстојниот самит на процесот Брдо-Бриони, чијшто домаќин ќе биде Македонија.

„Позициониран меѓу формализирањето на Стратегијата на ЕУ за проширување и Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, овој самит ќе претставува можност земјите од регионот да ги усогласат ставовите за регионалната стратегија на ЕУ. Во фокусот на Самитот ќе биде и безбедносното поврзување на регионот. Заканите со кои се соочуваат земјите се прекугранични и интегрирани, за разлика од регионалниот одговор. Затоа, безбедносната поврзаност треба да се промовира како нова синтагма во регионот “, рече Иванов.

Говорејќи за односите со Република Бугарија, Претседателот порача дека како соседи, ние сме природно упатени на меѓусебна соработка, додека пак за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, рече дека е резултат на компромиси кои не можат секого да задоволат.

„За да ја исполни целта, овој договор треба да се гледа од аспект на иднината, а не на минатото. Тоа е договор на заедничката историја на двете држави и нивните народи, и се однесува на периодот од признавањето на Република Македонија од страна на Република Бугарија, односно од 1992 година. Ги повикувам двете влади да придонесат кон исполнувањето на целта на Договорот“, рече Иванов.

Тој додаде дека договорот создал и амбиент за поголема отвореност и соработка и меѓу црквите. „Иако сум верник, сепак сум Претседател на секуларна држава, која е одвоена од црквата“, рече Иванов, додавајќи дека не се меша во работата на црквите, но како и секој верник очекува МПЦ – ОА да биде рамноправен дел од православната екумена.

Во своето обраќање македонскиот претседател потенцираше дека популизмот со негативното влијание врз добрососедските односи, се појавил повторно, и напомена дека лидерите од регионот мора да извлечат поука од сето тоа.

Во тој контекст, тој ја спомена и Тиранската Платформа за која рече дека била популистичко мешање во внатрешните работи на Македонија поради која политичката криза прераснала и во уставна криза, а спомена и примери во односите со Србија и со Косово.

„Имавме и контра-разузнавачка измама во односите со Србија. Се уште ги чекаме доказите од официјален Белград за наводното македонско офанзивно разузнавачко дејствување против српските дипломати. Владата на Косово, пак, одлучи да определи финансиска помош за актерите ангажирани во насилните и терористичките акти во Гошинце и Куманово. Така ли косовската влада ја изрази благодарноста за згрижувањето на над 350.000 косовски бегалци во 1999-та, признавањето на косовската независност, и вклучувањета на Косово во регионалната соработка?, праша Иванов.

Македонскиот претседател упати апел до лидерите од регионот, внимателно да се одмерува секој збор.

„Избегнувањето на острата реторика е особено важно во претстојниот период, кога многу од земјите во регионот влегуваат во нов изборен циклус. Една неумесна и популистичка изјава може да предизвика политички земјотрес во целиот наш регион“, рече Иванов во годишното обраќање во Собранието на Република Македонија .

Најнови вести

Коронавирус