петок, 25. септември 2020. Вести денес: 166
home Вести

Иванов: Правдата завршува онаму каде почнува одмаздата, имаме пратеници со лисици без симнат имунитет во затвор

Иванов: Правдата завршува онаму каде почнува одмаздата, имаме пратеници со лисици без симнат имунитет во затвор

Треба да внимаваме правдата да не ја сведеме на политички реваншизам и лична одмазда. Бидејќи, одмаздата води кон нова одмазда, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во годишното обраќање во законодавниот дом.

– Неопходно е да биде утврдена одговорноста и за оние кои го предизвикале насилството во Собранието на 27 април. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Освен обврски, граѓаните имаат и права кои мора да се почитуваат – правото на одбрана, имунитет и пресумпција на невиност кои се во основата на секоја демократија. За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од „Заедничка Македонија“ обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси на Република Македонија. Бидејќи, дел од нивните барања беа и мои барања, истакна претседателот Иванов.

– Барањето на граѓаните е помирување наместо реваншизам. Нивното барање е и мое барање. Патот до помирувањето во Македонија води преку правдата, а патот до правдата води преку вистината, додаде шефот на државата.

Најголема одговорност за стабилноста и поредокот на Македонија, истакна претседателот, имаат политичките партии кои го претставуваат мнозинството на припадници на македонската нација.

Иванов истакна дека мора да ја вратиме културата на политички дијалог и дека лидерите на власта и опозицијата треба да имаат нормална меѓусебна комуникација во интерес на граѓаните и во интерес на државата.

– Сме имале и ќе имаме промена на власта. Но не смееме да имаме политички прогон и реваншизам што неминовно завршува во нов идеолошки монизам. Наместо политички прогон, освета и реваншизам, нам ни треба помирување. А за тоа помирување се потребни три нешта. Прво, законски решенија за обнова или преиспитување на постапките во судските случаи за кои има основани индиции за серозно кршење на човековите права. Второ, утврдување на граѓанска и кривична одговорност кон оние кои политички монтирале случаи. И, трето, отстранување на генераторите на кризи со цел враќање на доверба на граѓаните во институциите на државата, истакна претседателот Иванов.

Коронавирус